Опозицијата го даде првиот сигнал за компромис во преговорите за законот за обвинителство. Антонио Милошовски пред средбата со министерката за правда Рената Дескоска изјави дека не инсистират веќе главниот Јавен онвинител да се бира по предлог на опизицијата. “ВМРО-ДПМНЕ не инсистира туку беше предлог на Зоран Заев, главниот обвинител да се предложи од опозицијата. Ако сака да го држи ветувањето нека го држи, ако не, нека продолжи како до сега со обвинител предложен од власта, а работите ќе се сменат наскоро”, изјави Милошовски.
Во новинарско прашање како ја коментира изјавата на Дескоска дека може да има договор ако ВМРО-ДПМНЕ попушти во нивните барања, пратеникот на опозицијата одговори дека Дескоска е менаџер на процесот и таа треба да најде модели за постигнување на договор. Како позитивен пример за реформи кои се барат од Европска Унија тој го истакна договорот на министерот Оливер Спасовски и пратеникот Емил Димитриев околу законите од безбедносната сфера.
Овие изјави се дадени пред почетокот на четвртата рунда преговори меѓу власта и опозицијата за донесување на нов Закон за обвинителство со кој ќе се реши и судбината на Специјалното Јавно Обвинителство.
А. Зеќири