ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа промоција на кандидатот за градоначалник во Свети Николе, Дејан Владев. На промоцијата говореше и претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.
Во неговото обраќање, Владев, по поздравниот вовед, веднаш упати критики кон власта и политичките опоненти од СДСМ. Го спомена автопатот Скопје-Штип и рече дека „ненародната власт“ се кити „со туѓи проекти“.
Тој упати критики за состојбата на главната улица за влез во градот, запуштеното корито на реката, за сметот кој, според него, го затрупал целиот град. „Сведоци сме за ветувањата кои ги слушавме изминатите четири години. Четири години имавме локална самоуправа на апатија, безнадежност и лажни ветувања. Четири години ветуваа, но видовме дека од нивните ветувања останаа само празни зборови“, смета Недев.
Приоритет за него неговиот тим ќе биде, како што рече, здравјето на граѓаните и заштита на животната средина. „Затоа, прочистителната станица мора и ќе биде во целосен погон“, порача кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
Недев вети чисто речно корито, канализации за секое село, асфалтирани улици и детски игралишта, нов модерен лик за градскиот парк, модерно детско и спортско игралиште, изградба на спортска сала, обнова на кошаркарското, ракометарското игралиште и на градскиот стадион, базени, Домот на културата да прерасне во Младински културен центар, нови паркинг места, хоризонтална сигнализација, поставување на автобуски постројки.
„Посебно горд ќе бидам на проектот за зачувување на старата градска чаршија која ќе го доживее сјајот како во педесетите години, со нови фасади, од времето на сјајот на Свети Николе. Била зора беше запуштена комплетно запуштена од сегашната власт, а таа мора да биде и ќе биде туристичка атракција. Мора да ветам дека посебно внимание ќе посветиме на акумулацијата Мавровица, таа да прерасне во место погодно за викенд, опуштање и релаксација, да ја приближиме на нашите, но и посетителите од соседните градови. Ќе изградиме пристапни патеки, ќе овозможиме за сите овие кои сакаат да инвестираат и ќе изградиме капацитет каде ќе можеме сите да се забавуваме, а да не одиме во соседните општини“, вети Недев пред граѓаните.