Во Франција се регистрирани 91.608 новозаразени со Ковид-19, што е рекорден број за еден ден од почетокот на пандемијата. Според податоците на Агенцијата за јавно здравје, во последните 24 часа низ државата се пријавени 91.608 случаи на зараза со Ковид-19, при што починале 179 лица. Во моментов во болниците се лекуваат 16.060 лица, од кои 3.208 на интензивна нега.
Францускиот министер за здравство Оливие Веран изјави дека во Франција, како и во многу други земји, „бустер“ дозата ќе заштитува од бранот со сојот Омикрон.
Во Велика Британија исто така, се забележани рекордни бројки – 119.789 регистрирани нови случаи, најмногу од почетокот на пандемијата. Претходниот ден беа 106.122. Евидентирани се и 147 нови смртни случаи. Податоците на британските здравствени служби покажуваат дека шансите пациенти заразени со сојот Омикрон да завршат во болница се за 50 до 70 отсто помали во споредба со варијантата Делта.
Италија ги заостри мерките за спречување на порастот на инфекциите со Ковид, вклучително и забрана за сите новогодишни прослави бидејќи дневните инфекции достигнуваат рекордно ниво, соопшти италијанската влада.
Министерот за здравство Роберто Сперанза рече дека носењето маски повторно ќе биде задолжително надвор и им нареди на граѓаните да користат маски Ffp2 во јавниот превоз и на јавни места, како што се театри, кина и спортски настани, бидејќи тие обезбедуваат поголема заштита.
Покрај тоа, концертите и настаните на отворено ќе бидат забранети до 31 јануари, а дискотеките и клубовите ќе мора да ги затворат вратите до тој датум за да спречат масовни собири за време на празничната сезона.
Новите мерки беа објавени на денот кога Италија забележа 44.595 нови случаи на коронавирус, што е зголемување за повеќе од 70 проценти за само една недела, бидејќи заразната варијанта Омикрон почнува да се шири низ целата земја.
Имаше и повеќе смртни случаи, 168 вчера, што е најголем број од мај, но под нивоата на претходните пикови, најмногу поради големиот број вакцинирани лица