Во Каталонија денеска започнаа регионалните избори на кои право на глас имаат 5,5 милиони Каталонци.
Овие избори се од историска важност за регионот бидејќи граѓаните треба да одлучат дали се за независност на Каталонија или не.
Во трка за регионална власт се три партии што се залагаат за независност, три партии што се спротивставуваат на идејата за независност и се залагаат за спроведување на членот 155 од Уставот на Шпанија, како и една партија што се дистанцира од двете опции.
Според шпанските медиуми, сите прогнози одат во насока на тоа дека ниту една партија нема да може сама да формира мнозинство и дека нема да има повеќе од 40 места во парламентот со 135 члена во кој за мнозинство се потребни 68 пратеници.
Референдумот за отцепување на Каталонија од остатокот од Шпанија се одржа на 1 октомври, со противење од Мадрид.
Каталонскиот парламент изгласа независност на 30 октомври, по што шпанскиот сенат ѝ одобри на владата на премиерот Маријано Рахој да воспостави директна контрола на Мадрид врз Каталонија.
Освен распуштањето на владата на Каталонија, Рахој го распушти и регионалниот парламент и закажа регионални избори за 21 декември.
Од распуштањето на каталонската влада, лидерот на Каталонија, Карлес Пучдемон и четворица поранешни членови на каталонската влада престојуваат во Белгија, а по нив беа издадени потерници за апсење под обвинение за бунт и злоупотреба на фондовите.
Шпанија подоцна го повлече меѓународниот налог за апсење, но Пучдемон кампањата за регионалните избори ја водеше од Брисел.
Д.М.