Македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, соопшти дека со комисијата на Бугарија одржале средба во Софија на која се донеле неколку предлог идеи за препораки за учебници за основно образование. „На 12 и 13 мај 2022 година во Софија се одржа 19-тата средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. На средбата, во конструктивна атмосфера членовите на Комисијата водеа дискусија на која беа разменети неколку предлог идеи за препораки за учебниците од основното образование кои се однесуваат на средновековниот и раноосманлискиот период. На средбата беа усогласени и потпишани записници од претходните средби.
Со заемен договор на двајцата копретседатели на Комисијата, договорено е наредната средба на Комисијата да се одржи во средината на септември 2022 година“, соопштија од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.