Во болницата во Тетово изминатото деноноќие има голем наплив на пациенти и се работи на интензивна реорганизација со цел соодветно згрижување на сите. Се размислува и за воведување дополнителни локални мерки за заштита од Ковид за што ќе биде разговарано утре, соопштува Министерството за здравство.
Како што известуваат од МЗ, на здравствените институции од Тетово им се дава соодветна поддршка во делот на кадар и сместувачки капацитети.
„Од пред два дена пациенти се сместуваат и во болницата во село Лешок, а доколку е потребно пациенти ќе бидат сместувани и во други болници во близина или во Скопје“, информираат од Министерството за здравство.
Во текот на утрешниот ден ќе се донесе одлука дали и колку дополнителен кадар ќе биде распореден во најкус рок.
„Министерството за здравство размислува и за воведување дополнителни локални мерки за што ќе биде разговарано утре“, се вели во соопштението.
Од Министерството апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките за лична заштита со цел спречување на понатамошно влошување на состојбата.












