Над 200 вработени во Бирото за развој на образованието и директорот се на колективен годишен одмор без да ја изработат програмата за скратен наставен план за основните и средните училишта.
Како што дознава сдк.мк, Министерството за образование и наука таа задача на Бирото за развој на образованието му ја дала уште во април, но Програма за скратен наставен план за сите предмети во основните и во средните училишта уште не е изготвена.
„Бирото требаше да организира обука за наставниците и професорите по враќањето од ’распуст‘, уште на почетокот на август. Обуките требаше да бидат од методичко-дидактички аспект. Требаше на целиот наставен кадар во Република Северна Македонија да му биде пратен планот за одвивање на скратена настава, каква што ќе се организира во новата учебна година, со распоред со сите часови и со мали паузи за одмор меѓу часовите. Но, ништо и од тоа“, велат во Министерството за образование.