„Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија, кој нотира напредок во областа на правосудството, изборите и борбата против корупцијата е доказ за посветеноста и потврда на успешните политики на Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев“, се вели во денешното соопштение на СДСМ.
Клучните наоди во Извештајот на ЕК покажуваат на умерена подготвеност на судскиот систем, во борбата против корупцијата, во однос на реформата на јавната администрација, во борбата против организираниот криминал, но и недоволна подготвеност во спроведувањето на законодавството за говорот на омраза и националниот план за акција за спроведување на Истанбулската конвенција. Што се однесува на изборите Изветајот вели дека генерално беа добро спроведени, а кампањата беше вистински конкурентна, но правната стабилност беше поткопана со значителни ревизии на законската рамка и последователните владини уредби.
„Доаѓа време на ред, правда и дисциплина, време на целосно прочистување на судството и ефикасно и неселективно владеење на правото“, ветуваат од СДСМ, толкувајќи го Извештајот како потврда дека земјата има механизими за обезбедување независно и одговорно судство, но фали нивна решителна и доследна употреба.
„Ова е потврда за успешноста на досегашните реформи и подготвеноста на СДСМ да продолжи посветено да работи на достигнување на европските стандарди“, велат од партијата.
Но, она на што СДСМ, исто така, ќе треба да работи е и законодавството во санкционирање на говорот на омраза и дела од омраза. Со оглед дека Извештајот посочува дека граѓанското општество останува активно и игра клучна улога во процесите на креирање политики и одлуки, извештајот укажува и дека се потребни напори за да се обезбеди позначаен и навремен процес на консултации.
Во следното соопштение на СДСМ, како владејачка партија, се очекува ред, правда и дисциплина и во насока на санкционирање на говорот на омраза и дела од омраза, ставање крај на неказнивоста, поголем слух по било кое општествено и политичко прашање за граѓанските организации.
Б. Ј.