„Сите ние треба да се здружиме и да побараме да го вратиме демократскиот капацитет на партијата и да се побара оставка од актуелното раководство, пред сѐ од актуелниот претседател Никола Груевски, бидејќи сѐ тече и се менува. Светот не започнува од мене, ниту од останатите што сме овде, а ниту од актуелниот претседател“, рече денеска Ѓулистана Марковска, ветеранка на ВМРО-ДПМНЕ, која се приклучи на реформаторите.
Марковска истакна дека без ВМРО нема да има Македонија, бидејќи според неа, „тоа се свети букви за коишто загинале многу луѓе, кои веројатно се превртуваат во своите гробови, зашто идеите за коишто загинале, во овој момент делумно се изневерени“.
Ветераните на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција, истакнаа дека се приклучуваат кон Иницијативата за реформи на партијата, бидејќи сметаат дека само со внатрепартиски реформи, ВМРО-ДПНЕ ќе го фати евроатлантскиот курс.
„Партијата треба да најде албански партнер и на тој начин да се врати на власт. Тоа го сметаме за патриотски и државнички чин“, истакна ветеранот, Михаил Пановски. Тој додава дека без внатрепартиски реформи, ќе нема реформи ниту во државата.
Марковска пак, потенцира дека е добро што ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, бидејќи ќе има можност да си ги увиди грешките и да се поправи.
„Сѐ што тргнало, ќе оди до крај и промените се природна појава. Природно е во некоја партија, кога ќе го доживее својот зенит, да настанат внатрешни промени. На реформаторскиот караван што врви низ Македонија, среќаваме многу незадоволни членови, но не поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ не е на власт, туку поради погрешните политики“, додава Марковска.
Текст и камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента