Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека поранешниот американски специјален пратеник Ричард Гренел ќе биде одликуван за неговиот придонес во напредокот на Србија, затоа што секогаш бил подготвен да ги слуша интересите на Србија и се залагал американските инвестиции да дојдат во Србија, пренесуват српските медиуми.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Владата на Србија го плаќа Ричард Гренел за лобирање, колку и кои се неговите заслуги за орденот што ќе го добие денеска, тој рече дека мисли дека не го плаќа, но не знае, затоа што не е во Владата.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, го назначи американскиот амбасадор во Германија, Ричард Гренел, за специјален пратеник на американската администрација за дијалогот меѓу Србија и Косово.
Во август 2021 година, односите меѓу Србија и Косово почнаа да ги води Габриел Ескобар, кој беше назначен за заменик помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот.
На 15 февруари, Вучиќ, на новинарско прашање за одликувањето на Гренел по повод Денот на државноста, рече дека тоа е одлука што ја донел лично, бидејќи според него Гренел „се залагал за Србија“.
„Еден од ретките што се обиде да има избалансиран пристап, се обиде да ја слуша српската страна, се залагаше да се слушне гласот на Србија“, одговори Вучиќ.
Н. А.