Овој викенд, од 4 до 6 август, во Крушево за првпат ќе се одржи фестивалот When in Krusevo, кој вклучува планинарска и велосипедска тура околу градот и крушевската корија, тандем-параглајдинг и музички спектакл на историското Гумење, до раните утрински часови.
Настанот започнува утре (4 август) во 18 часот со настап на диџеј Бапчу Резидент, потоа следува The Backdoor Band и точно на полноќ, па сè до утринските часови, свој сет ќе има диџеј Галоски.
Во сабота наутро следуваат „адреналинските активности“, двет велосипедски тури (20 и 40 километри), две планинарски тури низ крушевската корија, а на сите оние кои досега не пробале тандем-параглајдинг, со учеството на овој фестивал им е овозможено да летаат, и тоа со попуст.
Во сабота навечер, според програмата, се настапите на диџеј Славе, „Фолтин“, „Хај Старт“ и „Рутбој Селектор“.
За организаторите, „When in Krusevo“ е авантуристички настан што истовремено, овозможува задоволство за љубителите на спортот и на убавата природа и запазување и потсетување на историјата на славно Крушево.