ВОЈО МАНЕВСКИ
Не честитам Нова година зашто се сомневам дека тие на кои ќе им ја испорачам честитката ќе имаат среќа од неа. Си ја задржувам својата „среќа“ за да не им ја намалам нивната. Ако можам да избирам јас би останал во оваа година и би чекал гаранции дека во идната ќе биде прифатена и мојата естетика.
Нема гаранции за неа, не честитам нова година и нема да сум дел од идната година. Наместо да честитам ќе посочам само некои од вредностите кои и денес ми се вдлабени како личен идентитет за да ја разграничам разликата меѓу некои честитани нови години и овие што не се за честитање.
Во мојата преамбула имаше место за друга естетика. Естетиката на генерациите кои беа дел од културните движења на западниот свет. Се извинувам ако ве забуни терминот естетика, но збунетоста е врховна вредност на денешнината. Како во изреката за односот меѓу лудиот и збунетиот. Естетиката како збир на вредности во кои верувавме и кои денес расчистени од зарѓавеноста (dust in the wind, Neil Young) сѐ излез од провинциската затвореност и сеопштата апатија.
Многумина не успеаја да се снајдат во теснотијата на денешнината и ова време на ситни души и малечки вредности. И естетиката е како Клепсидра низ која песокот лесно истекува. Толку лесно што можеме да порачаме до новите генерации дека преџвакување на културното наследство кое други им го оставиле, тоа го правеле како своја естетика. Тогаш тоа било дел од естетиката на тоа време, а денес за вас е само одговорност за зачувување на вредностите кои го поминале испитот на времето, а никако преовладувачки модел за денешните параметри во кои го вклопувате своето постоење.
Не знам каде се чува тоа чувство на естетика и во кој веќе добро потрошен орган во моето тело, ама тоа е мојот идентитет. Не сме исти, не се разбираме со новите генерации и не треба да се разбираме, треба само да се сослушаме. За почеток на идната година сосем доволно и без формални честитки.
Естетиката како дел од светското културно рамниште, каде можевме да вградиме нешто што е наша специфика, беше обележје на некои стари години кои ги заменија дузина нови лета со нова естетика. Естетика која се оддалечуваше од она што беше светски средорек. Од времето кога Леб и сол со Деветка на првиот албум и гитарата на Влатко Стефановски, филигрански ја исцртуваа таа отворена врата кон светската култура.
Каква замена е орото на селското гумно каде сите фатени во орото гледаат во ороводецот? Добро и тоа е естетика, ама каква е прашањето.
Искрено и јас се прашувам, ама ќе ви го препуштам одговорот Вам мои читатели. Скромно ќе се обидам да пренесам неколку слики кои поставуваат дилеми, а одговорите секако ќе ги добијам после празниците или после делниците.
Крајот на осумдесеттите и наивноста на една естетика пред да се осознае дека наидува плима на делба на светското од провинциското. Познат новинар кој долги години пишуваше за рокенрол и светските културни движења ја догорува последната цигара на излезот од Аеродромот Сурчин. Ја догорува цигарата Marlboro light и чека градски автобус до центарот на Белград. Покрај него поминува човек со убав џемпер и два куфера. Се свртува и учтиво го поздравува новинарот. Заедно влегуваат во градскиот автобус и се сместуваат на најширокиот заден дел. Почнуваат разговор.
– Мило ми е што те запознав и одамна ги читам твоите текстови за големите мајстори на музиката. Искрено сакам да слушам џез, посебно Miles Davis, а во последно време и Joe Zawinul, вели човекот кој во тој момент е дел од највисокиот политички естаблишмент на Југославија.
– Ако не ти пречи имам спомени од еден концерт во Њујорк каде го слушав и гледав Jimi Hendrix. Можеби моите сеќавања ќе бидат дел од нашата рок култура.
Разговорот на таа тема се води се до седиштето на Претседателството на СФРЈ и изобилува со идеи за можноста најновите изданија од светската музика да бидат издадени во Југославија. Човекот со две торби и џемпер е Васил Тупурковски, во тој момент член на највисокиот државен орган на Југославија. Без обезбедување и без службен автомобил, со куфери во градски автобус и во разговор со новинар кој пишува за светската рокенрол сцена. Ова естетика е?
Воз од Белград до Скопје во 22 часот. Турканица, што е наш идентитет, и потрага по местото во купе со дозвола за пушење. Возот е на македонски железници и кондуктерот зборува македонски. Носам кофер и барам место каде да го сместам, а притоа не мислам дека нема да биде безбеден. Додуша во него нема ништо вредно, сите чувства и знаења си ги носам во себе и не ми беше потребен Google за знаење на податоци. На едната страна на седиштата седи Наско Џорлев, облечен како Sean Connery со извезено елече и чизми.
Наспроти него со комплет jeans и шпиц чевли седеше Зафир Хаџиманов. Десет саати се патуваше до Скопје. Колку ли тежат спомените и думите на такви личности. Разговор, долг и дебатен, а за македонското музичко наследство, но и за неговото место на светската културна сцена. — Оваа песна ја направив во тој случај, оваа е посветена на таа личност. Овде употребив шпанска мелодика, а овде ми дојде еден ритам од грчката музика. Со часови слушав како настанале песните кои по веселби се пеат и сите се убедени дека се народна музика. Има еден дел во операта —е токму винската песна ми е некако блиска поради моето потекло од Тиквешијата, елаборираше Хаџиманов. Песните од скопските фестивали имаат аранжмани слични на Фестивал Sanremo. Гудачка линија, па дувачка линија, прв глас во тенор, како што е препознатливо во светот, објаснуваше Зафир.
Карти на преглед, на македонски се авторизираше кондуктерот некаде кај Смедеревска Паланка, а со почит се ракуваше со двајцата патници кои за кратко направија пауза со дебатата.
Слушај, има еден саксофонист во Weather Report по име Wayne Shorter, свири со таков тон што ме потсетува на нашите песни од Бадев. Треба тоа некако да се вклопи за да му ја претставиме на светот нашата музика, беше заклучокот на Зафир и Наско.
Новата железничка станица полна со патници во утринските часови и ресторан некаде под пероните. Радио Скопје и утрински џез сет. Како во New york наутро вели Зафир и го пие кафето. После топла чорба и секој своја борба. Не е приказнава претскажување за иднината, туку евидентирана како ano domine 1986.
Ова естетика е?
Стеријино позорје во Нови Сад, штотуку завршена претставата на Драмски театар од Скопје и жива дискусија меѓу актери, драматурзи и режисери. На плитки фотелји седат Ристо Стефановски и Горан Стефановски. Веднаш до шанкот шеретски го привлекуваше вниманието на присутните Љубиша Георгиевски, Слободан Унковски, обиколен со новинари и театарски критичари. Театарџии од цела Југославија, а новинари од десеттина земји.
Што е пораката на претставата, кому му е упатена, прашува унгарската новинарка на лош англиски јазик. Насмевка ала Дебар Маало и на течен англиски јазик Горан одговара:
– Секогаш има дупло дно, ама дното си е дно и на него секогаш се таложи остатокот од манџата во тенџерето.
Не разбрав што е проблемот во Дуплото дно, прашува новинарката Ержебет.
Нема што да се разбере. За добра манџа потребно е дупло дно да има тенџерето. На дното има секогаш концентрација на добрите состојки од манџата само не смее да се остават да се расипат. Баба Алтана така готвеше.
После читав во НИН како Горан кажал дека Европа не смее да не смета за дно зошто ние сме имале дупло дно кое секогаш може да се покаже како квалитет над декадентната европска култура. Горан само зборуваше за баба Алтана како естетика.
Кој разбра -разбра, ама долго се разговараше за пиесата на Горан и Драмски театар Скопје. Тоа естетика е?
Некаде на средина на Партизанска близу Градежниот факултет имаше типска трафика со зелена боја, а во неа на фритеза се пржеа компирчиња. Крцкави и солени, па ставени во хартиена креација како отворен фишек. Ем тригонометрија, ем модерна гастрономија. Две во едно малку ли е? Трафиката како да ја осмислил Andy Warhol.
Некако футуристичка, ама и функционална. Како некогашните фармерки од типот Levi,s. Направени од густо ткаено памучно платно и корисни и за да го затскријат дефектот на човечкото тело и за да ја истакнат рамноправноста меѓу припадниците на комуната.. Денес со ликра фармерките се за да се отцрта добро сечија задница или криви нозе, па мораш да ги оправдуваш недостатоците со назначување на индивидуалноста и гордеењето со различноста.
Извинете на речникот ви се молам. Во два и пол квадрати седи целата постава на Лева патика: Аријан Дема, Гранит Тачи, Бошко Доневски, Рамиз Јусуфи. Чади зејтинот од фритезата, се пржат компирчињата, а идните архитекти стојат во ред за фишек со помфрит и рендано сирење. Генијалната идеа на Живко Зафировски да се стават компирчињата во тенки запечени кори немаше рационална разработка. Наместо тоа започна дебела дебата за унисоното свирење на темата меѓу Аријан и Рамиз.
За две фрази се разговараше со саати. Кај Бранџолица се финишираше компромисот и се снимаше пасната. Неправда, па тоа е неправда. А дилемата беше дали со наснимувањето на гитарата нема да звучи како Thin Lizzy и двајцата гитаристи од таа група. Brian Robertson и Gary Moore не свиреа гитари, туку произведуваа звучна слика. Црнец, а и Ирец беше Phil Lynott и пееше за чувствата на луѓето од периферијата на големите градови. Во Скопје се расправаше дали ќе е добро да звучи Лева патика како Thin Lizzy: „Да не е малку незгодно и да не рече некој дека е плагијат“? Така е кога се чувствуваш дел од светската култура. Естетика тоа е или не е?
Да, да, останува дилемата за естетиката на некои изминати времиња и вредности. Епа мои млади сограѓани, не сакам да Ви честитам Нова година, туку да Ве охрабрам да ја градите својата естетика и своите културни вредности во натпревар со светот, а не да се држите за орото зошто од вас бараат да играте само три напред и два назад со задолжително гледање во ороводецот. Светот е поле за културен натпревар на народите.
На моите исписници ќе им посакам Среќна Нова година само колку да ги нервирам и да се потсетиме и обвиниме, како дозволивме да ни се појават и попови и топови и лопови. Како не разбравме дека поповите не се вистинските свештеници, а топовите и лоповите се вистински. Сега да не паламудиме многу, ставајќи им националистички и провинциски прангии на новите генерации за да се оправдаме за естетиката која не успеавме да ја одбраниме. Сега ни преостанува да си се фатиме за орото, да си играме шопско оро и да викаме без глас – Држи се земјо, шоп те газе!