По минатонеделното избувнување на голем пожар во кој целиот објект со два посебни влеза беше целосно пеплосан, децата од градинката „8 Април“, набргу, привремено ќе бидат сместени во средното училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари, а за децата од Дневниот центар за деца од улица, кои привремено се сместени во просториите на невладината организација ИРИЗ, сé уште нема одлука каде ќе бидат сместени.
Координаторката на Дневниот центар, Ирена Велкоска, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека се сретнале со министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими и дека разговарале за неколку можни опции за решавање на проблемот.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека работат на случајот за изнаоѓање на решение.
„Министерството за труд и социјална политика имаше средба со раководни лица од Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари кој беше зафатен од пожар, и е во фаза на изнаоѓање на соодветен простор за потребите на Центарот за деца на улица кој ќе биде исто така на територијата на Општина Шуто Оризари“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Жаклина Величковска од МТСП.
Претседателката на ИРИЗ, Фатима Османовска, ни изјави дека просториите на организацијата се ставени на располагање на децата од Дневниот центар, колку да не бидат оставени на улица.
Директорката на градинката „8 Април“, Сонгул Шабан Ахмед, за ЦИВИЛ Медиа, изјави дека дечињата ќе бидат сместени во средното училиште „Шаип Јусуф“, откако ќе им се овозможат соодветни услови.
„Околу 200 дечиња ќе бидат сместени во просториите на средното училиште во наредните десетина дена, откако ќе се овозможат соодветни услови за целодневен престој. Сега, дечињата се дома. Засега имаме поддршка од УНИЦЕФ, Детското село и од локалната самоуправа, меѓутоа секоја помош ќе биде добродојдена“, додава директорката Шабан Ахмед.
Дехран Муратов