пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Младиќот со кристалната топка искрено жали за сите оние што од државната прослава на 8 Септември очекуваа мегаломанска и кич прослава кај циркусот од плоштад, стотици илјади евра потрошени на мега кампања, мега озвучувања и сцени, масовки, организирани автобуси и списоци, смс наредби за администрацијата за задолжително присуство, партиска злоупотреба на настанот, етноцентризам и национализам, пијани будали што урлаат „Македонија“ и трезни будали што го користат празникот за да плукнат или спружат некого во име на Македонија, опиени маси што им се воодушевуваат на лидерите кои ја ограбуваат но во секоја втора реченица како папагали ја повторуваат „Република Македонија“, како да сме дементни и да не знаеме кои сме и што сме и во која држава живееме…
Наместо тоа, државата организираше достоинствена и граѓанска прослава, од градската, алтернативната, урбаната, граѓанската „Школка““, со одлична програма но со далеку поскромен буџет и трошоци, отворена за сите кои сакаат да дојдат слободно и без притисок, со шареноликост и обединувачки пораки.
Затоа служат празниците, за да се обединуваме и да го славиме заедништвото, не затоа што мораме, туку затоа што сакаме. За жал, еден дел од општеството и јавноста, на чело со машинеријата на мвро-вмро секако, не пропушта празник ниту каква било прилика, за да сее поделби и омраза. Не само сега во опозиција, туку и претходните 10 години и повеќе, празниците на овие структури им служат за да прогласуваат предавници, да се пресметуваат со неистомислениците, да шират зла крв наместо радост, да ги узурпираат празниците партиски и етнички…
Младиќот им препорачува да се навикнат на состојбата. Македонија, некогаш Народна, потоа Социјалистичка, а сега Северна Македонија, го пронајде одамна клучот на победите во единството на различните. За разлика од нив, кои секогаш, од 1941 па до сега, биле на погрешната страна, онаа која создава поделби, омраза, несреќи, војни, онаа која ја сака Македонија „чиста“ по разни основи…
Доаѓа времето кога работите ќе зависат уште повеќе од нашето заедништво и од нас самите. А народите на Македонија повеќепати покажаа дека токму тука се најсилни и знаат да одговорат токму на таквите предизвици.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.