„Отворен Балкан“ во моментов е иницијатива со највисоко ниво на поддршка и препознаеност од страна на граѓаните и меѓу другото претставува и дополнителен придонес кон регионалната стабилност, во услови на активна војна на териоторијата на Европа, вели Марјан Забрчанец, национален координатор за „Отворен Балкан“ и за регионални иницијативи во интервју за Нова ТВ.
Лидерите Заев, Вучиќ и Рама кога ја промовираа иницијативата „Отворен Балкан“ најавија амбициозен план до 2023 година да нема граници меѓу трите земји и да има слободен проток на капитал, луѓе, стоки и услуги. Контролата на границите, намалувањето на корупцијата и намалувањето на државната контрола во економијата се исто така очекувани придобивки од ова регионална иницијтива која добива се поголема политичка поддршка, но и од граѓаните.
На средбите со специјалниот претставник Ескобар, со останатите одговорни лица за Европа и регионов во Стејт департментот, со претставници на Сенатот и на меѓународните организации НЕД, НДИ и Атлантски совет, во повеќе наврати беше потенцирано дека Западен Балкан има недвосмислена европска иднина и дека земјите од регионот треба да станат членки на Унијата во разумен рок бидејќи со тоа ќе донесат нови можности за Европа.
Од властите во САД беше изнесена силна и јасна поддршка за регионалната иницијатива „Отворен Балкан”, а како импресивна беше оценета економската и политичката соработка која се развива меѓу трите земји членки, со можност истата да се проширува. Тие особено се заинтересирани да го поддржат овој поинаков Западен Балкан кој не е базиран на 90-те туку на денешната реалност во нашиот регион. А, реалноста значи регионална соработка и отстранување на сите пречки за слободно движење на луѓе, стоки, производи и услуги…
Последната анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) евидентираше силна поддршка за „Отворен Балкан“ и од граѓаните.
– Добрососедските односи во регионот и во Европа се негуваат преку регионалните иницијативи како што е Отворен Балкан. Отворен Балкан во моментов е иницијатива со највисоко ниво на поддршка и препознаеност од страна на граѓаните и меѓу другото претставува и дополнителен придонес кон регионалната стабилност, во услови на активна војна на териоторијата на Европа. Имајќи ги предвид последните истражувања на реномирани меѓународни организации и истражувачки агенции, станува јасно дека околу Отворен Балкан во земјава се гради национален консензус – имено, поддршката од страна граѓаните изнесува високи 75% во просек, а она што радува е што не постои демографска група која е со поддршка под 65%, додека кај некои од групите граѓани како што се на пример неопределените гласачи, поддршката за Отворен Балкан оди и до 85 отсто.
Целото интервју на НОВА ТВ.












