Гласањето на претстојните избори, и покрај актуелната пандемија на Ковид-19, ќе биде безбедно за граѓаните кои ќе решат да го остварат своето избирачко право, тврдат надлежните.
Ќе се гласа согласно протоколите на Комисијата за заразни болести кои предвидуваат мерки на заштита на избирачките места, за луѓето кои го спреведуваат гласањето, како и за гласачите.
Државната изборна комисија вчера организираше симулација на гласачкиот ден, и беше упатен апел до сите вклучени во изборниот процес да ги почитуваат здравствените мерки, упатствата и протоколите за предвремените парламентарни избори на 15 јули. Симулацијата, според сите присустни, потврди дека може да се гласа без ризик за избирачите.
Симулацијата ја следеа набљудувачите на изборите, меѓу кои и ОБСЕ/ОДИХР, претставниции на Министерството за здравство, на амбасадите, како и претставници на политичките партии.
Потпретседателката на Државната изборна комисија Димтмире Шеху за време на симулацијата истакна дека само така ќе се заштити здравјето на граѓаните.
Шеху изјави дека ДИК со овој настан сака да покаже дека при гласањето ќе бидат почитувани сите подзаконски акти, упатства и мерки за заштита на граѓаните.
Присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче кој истакна дека се почитувани сите препораки на Комисијата за заразни болести и дека граѓаните ќе можат безбедно да гласаат.
„Државната изборна комисија спроведе симулација за тоа како би изгледал денот на гласање, како би се имплементирале превентивните мерки и протоколите кои што произлегоа од Комисијата за заразни болести врз основа на принципите за одржување на дистанца, носење маска и задолжителна дезинфекција на рацете. Сметам дека прилично добро е организирана работата во рамките на тоа што би означувало еден сигурен процес за апсолутно сите гласачи, заради тоа што се се спроведува така како што е пропишано од Комисијата, нема апсолутно никаков ризик. Има услови целосно да се испочитуваат принципите за превентивните мерки и протоколот од Комисијата во целост да биде имплементиран. Верувам дека и на самиот ден на гласање гласачите ќе излезат на гласање не стравувајќи дека нивното здравје може да биде загрозено“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.