Пратеничката група на СДСМ вчера во процедура го достави Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи кој предвидува задолжително пензионирање на 64 години возраст и 15 години пензиски стаж.
Од СДСМ велат дека со задолжителното пензионирање на 64 години се создаваат услови за намалување на вработените во државната администрација и во јавниот сектор и се отвораат нови можности простор за вработување на млади кадри.
Јован Митрески од СДСМ на вчерашната прес конференција истакна дека согласно предложените измени во Законот за здравствена заштита заради непречено вршење на здравствената дејност директорот на здравствената установа по претходна согласност на здравствениот работник односно соработник, еднаш годишно донесува одлука за продолжување на договорот за вработување на здравствениот работник или соработник кој ги исполнил условите за стекнување на старосна пензија најмногу до 67 години возраст. Но, како што потенцира, оваа одлука задолжително ќе мора да ја потврди и министерот за здравство.
„Во законот за високо образование, предвидуваме дека на лице избрано во наставно-научно звање или наставно звање по негово барање и заради непречено вршење на дејноста на високообразовната установа, работодавачот еднаш годишно може да го продолжи договорот за вработување до завршување на учебната година во која ги исполнува условите за стекнување старосна пензија или најмногу до завршување на учебната година во која полни 67 години возраст“, појасни Митрески.