Премиерот Зоран Заев засега нема да бара оставка од генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, за М-НАВ. Како што изјави денеска, најпрво треба да се согледаат последиците од целиот настан, па потоа да се донесе одлука. Заев нагласи дека Рашковски ги исполнува сите свои работни обврски, а и јавно се извини за случајот.
Тој лично ќе испрати писмо до „Леонардо“, со извинување од име на Владата. Тоа ќе го стори и кон ромската заедница во земјава.
„Италија е наш докажан пријател, а и на ромската заедница и даваме посебно место. Ја користам приликата за извинување во име на Владата, но истрагата ќе покаже дали случајот е монтиран. Верувам дека ќе има истраги и кривични постапки“, истакна Заев.
Во врска со најавената „метла“, премиерот информира дека во вторник, на 9 јули, би можеле да се донесат и првите одлуки. Промени ќе има најверојатно на 20 – 25 места, директорски и кај раководители на подрачни единици.