Премиерот Зоран Заев денеска најави дека, иако Стојко Пауновски е негов личен исклучително добар пријател, ќе побара од службите на Владата да го разрешат. Смета дека за тоа постои основа и очекува да биде покрената постапкa, пренесува МИА.
„Недозволиво е секој ден преку медиумите некој да води полемики со потпретседателот на Владата, а сега веќе и со премиерот. Тоа е пркос што не е дозволен. Во Владата има хиерархија и се знае како треба да функционира“, вели Заев.
„Не може да си дозволите јавно да давате вакви коментари, понижувајќи ги претпоставените за нешто е толку транспарентно и воспоставено на одлилчни, искрени основи – самите институции да дадат фидбек. Ако нема систематизирано место или не може да се систематизира, не мора да се прими никој. Но, народот очекува од нас ова да го решиме зашто поминуваат години, се плаќаат луѓе, а не работат ништо. Сериозно е тргнат процесот за распредлеба на тие луѓе“, нагласи Заев.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат Сојко Пауновски рече дека и по цена да биде разрешен, нема да ги прифати сите 35 рамковно вработени. Пауновски за Слободен печат вели дека не му е јасно зошто премиерот Зоран Заев не го разбира кога е дециден дека нема да вработи 35 административци прераспределени во неговиот инспекторат, кои се неквалификувани кадри.
„Изјавата на Зоран Заев не ја сфаќам како притисок, само сум малку разочаран што премиерот не ме разбира, иако пратив информација за состојбата во Пазарниот инспекторат. Побарав да ми одговори врз основа на кои критериуми со 247 веќе вработени лица, ни даваат најнесоодветни кадри. За 12 административци со Економски и Правен факултет, нема проблем, ќе ги примиме. Ама другите се со 180 кредити и можат да работат само обична администрација, зашто се детективи или со факултет за криминалистика од факултетот на Рамиз Мерко“, вели Пауновски за Слободен печат.
Заев, пак, денеска изјави дека односот на Пауновски е доволна причина за негово разрешување. Тој ја образложи и досегашната спстојба со рамковните вработувања, соопштувајќи дека 1349 луѓе биле дел од процесот, 1.182 прифатиле распоредување во институциите, 38 одбиле и одат на трансфер листа, додека 13 сами дале отказ.
„Побаравме секоја институција да влезе во рамките на Законот и да соработува со Владата за спроведување на овој план кој е дел од владината програма. Ние имаме целосна одговорност пред граѓаните и затоа поставената хиерархија мора да функционира успешно и професионално“, вели Заев.