„Во ситуација кога не е можен договор, мора да се водиме од Уставот и законите. Ако политичарите најдат заедничко решение, како што имало ситуација и претходно, се наоѓале механизми за да се реализираат тие решенија, но во ситуција кога договор нема, не постигнат договор за некакво решение, тогаш мора да се почитуваат Уставот и законите. Нема да дозволам некој да ги крши Уставот и законите“, порача Заев, додавајќе дека на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски им е јасно дека ќе ги изгубат изборите и затоа бегаат од изборно соочување.
„Никој не очекува мисијата на ОБСЕ/ОДИХР да биде како што беа набљудувачките мисии пред да се појави коронавирусот. Но, мисија ќе има овде. На крајот на денот ризикот за нарушување на изборниот процес е помал, затоа што нема групирање. Во оваа ситуација однапред има поголема гаранција дека изборите ќе бидат фер и демократски, бидејќи и кампањата повеќе ќе биде електронска, преку социјални медиуми, телевизии, билборди… Нема да има големи митинзи, па може и да научиме и друг вид на кампањски приод, кој ќе помогне за уште поголема демократизација на општеството. Секоја криза е можност“, изјави Заев.
Во однос на надлежностите на ДИК околу организирањето на изборите, Заев оцени дека МВР и ДИК редовно го ажурираат Избирачкиот список четири пати во годината, а последен пат тоа е направено во мај.
„Според Изборниот законик МВР е должно по службена должност да ги впише сите што до 5 јули ќе наполнат 18 години и ДИК тоа го ажурира. ДИК е комплетно подготвен. Избирачките одбори ќе бидат според посебни протоколи, со заштитни маски и со целосна заштита и за нив и за гласачите“, нагласи Заев.