Во рамките на економскиот форум во Берлин, премиерот Зоран Заев денеска се очекува да одржи средба со германската канцеларка Ангела Меркел. Заев на средбата ќе биде придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
На средбата, една од клучните теми ќе биде датумот за старт на преговорите со ЕУ што треба да биде утврден и на претстојниот Самит на лидерите на земјите-членки на ЕУ на 20 и 21 јуни во Брисел.
Заев синоќа присуствуваше на годишен прием на Здружението за Источна Европа на германското стопанство. Во таа прилика премиерот потенцираше дека сега со право ја очекува позитивната одлука од Европскиот совет за почеток на преговорите со ЕУ по поглавја, и дека секое друго решение негативно ќе се одрази на политичката ситуација во земјата и во регионот, и ќе го охрабри влијанието и интересот на трети страни во регионот.