Владината делегација на Косово предводена од премиерот Хоти, составена од заменик-претседателот на косовската Влада Дритон Селманај, министерката за надворешни работи и дијаспора Мелиза Харадинај Стубла и амбасадорот на Република Косово во земјата Ѓерѓ Дедај беше пречекана од страна на премиерот Заев, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за правда Бојан Маричиќ.
Во рамки на посетата премиерите Заев и Хоти реализираа тет-а-тет средба и официјална средба заедно со делегациите на двете земји.
„Нашиот народ вели дека соседите не се бираат, но први притекнуваат на помош. Токму затоа очекуваме Косово да се вклучи и во засилената регионална соработка, која ја предводат Северна Македонија, Албанија и Србија, со цел, нејзиниот инклузивен карактер да биде приоритет за регионот, без разлика на отворените политички прашања. Следниот петок ќе имам состанок со претседателот Вучиќ и премиерот Рама, каде што една од точките ќе биде токму таа, со намера да испратиме и заедничка покана. Ова е секако во интерес на нашите граѓани, првенствено за имплементација не четирите слободи на Европската Унија во Западниот Балкан, слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал, а што ќе овозможи и побрза интеграција и усогласување со Европската Унија.
Токму заедничкиот ангажман кој произлегува од самиот регион, ќе претставува силна додадена вредност за нашите европски перспективи и за веќе постојните иницијативи кои се во таа функција. Берлинскиот процес, и регионалниот совет за соработка“, изјави премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев на заедничката прес конференција со премиерот на Република Косово, Авдулах Хоти.