Законот за употреба на јазиците кој претседателот на Собранието, Талат Џафери, доцна синоќа го потпиша, денеска е објавен во Службен весник.
Со самото објавување во Службен весник овој Закон стапува на сила и со тоа албанскиот јазик станува втор службен јазик во Македонија.
Интеграција во НАТО и ЕУ, јазичната рамноправност, системските реформи се работите кои ДУИ ги ветила и остварила според изјавата на пратеникот од ДУИ, Артан Груби.
Бујар Османи, вицепремиерот за евроинтеграции, напиша: „Каков почеток на годината, горд сум што сум соработник на Ахмети.“
Спротивно од нивниот став, потпретседателот на СДСМ и пратеник Мухамед Зекири на својот Фејсбук статус напиша:„Речиси една декада на власт со ВМРО ДПМНЕ глас не им се слушна. Денеска со толкава помпезност и пофалби сакаат да се китат со туѓи перја. Заслугите за отворање на вратите на Македонија за членство во НАТО и ЕУ, како и за официјализирањето на албанскиот јазик, им припаѓаат на граѓаните кои го прифатија концептот „Македонија едно општество” за сите. Без еуфорија, Ве молам. Граѓаните најдобро знаат кој работи за нивно добро“.
Денешниот број на Службен весник е објавен на двата јазика, македонски и албански, освен спогодбата помеѓу Македонија и Грција која е објавена само на македонски јазик.
Ј. М. П.