По „бомбата“ што „долета“ од Будимпешта, од Илија Громовник, а споделена преку самонаречениот „Трет пат“ на Палевски, во јавноста има голем број реакции. Една од тие реакции дојде од активистот Замир Мехмети.
Има многу причини поради кои на принципиелна основа не сум се согласувал со Павле. Има многу негови постапки и пристапи за кои сум сметал дека се несоодветни особено поради тоа што како политичар се створи на протести, меѓу нас кои заедно растевме и политички созревавме на улиците борејќи се за правда. Поради тоа сум се карал, сум се дистанцирал од него, сум пробувал и со добро и со лошо да му ги наметнам моите гледишта за принципите кои сум сметал дека ни се заеднички. Некогаш сум успевал, некогаш не.
Затоа разбирам зошто неговото политичко делување предизвика антагонизам кај дел од јавноста но никако не можам да разберам зошто таа јавност е толку гладна за сензационализам, лековерна на наслови и спремна да осудува без никаква намера да биде објективна и со сознание за целата приказна.
По игра на случајност знам за приватните проблеми со кои се соочува Павле. Знам за трагедијата која есеноска му се случи нему и на неговото семејство. Сестра му настрада во тешка сообраќајна несреќа и после повеќе од 20 дневна кома се разбуди со тешки последици. Маслото од канабис и помага за полесно справување со болките исто како што помага и за ублажување на симптоми од многу болести.
Не знам за вас, но јас лично би одел до Северна Кореа да го договорам и Ким Јонг Ун за пола нуклеарка, ако тоа би му помогнало на некој мој близок. Ова го зборувам како син на татко со преживеани 14 мозочни удари кој 15 години беше практично инвалид. Морализирање на овие теми сведочи за отсуство на сочуство и емпатија помеѓу луѓето што е показател за суровоста која не има обземено сите.
Да критикуваме за политичкото делување на одговорните луѓе, да ги отценуваме нивните постапки кои имаат директен импакт на нашите животи но да ги оставиме луѓето да се борат за подобрување на квалитетот на животот на блиските од здравствен аспект, бидејќи на крајот на денот тоа е нешто што сите ние го правиме, на овој или на оној начин.
И на крај…
Време е… крајно време за декриминализација за лична употреба на канабис и маслото од канабис. Време е Моника и луѓето како неа да не се третираат како криминалци. Време е да не мораме да се правдаме за користење на билка која третира над 400 симптоми. Затвор и притвор за криминалците, а слобода за активистите.
Инаку, според Илија Громовник, се работи за „набавка на кокаин“ во снимката, но тоа ни оддалеку не се споменува во снимката. За што поточно се работи, објасни и самиот Павле Богоевски, активист на Шарената револуција и актуелен пратеник, на својот профил:
Вчера на руска социјална мрежа беше објавено аудио кое авторот го нарече БОМБА и каде тврди дека нарачувам кокаин. На нашите мрежи, прво беше споделено од пропагандната твитер машинерија на ВМРО ДПМНЕ и од порталите блиски до нив, а потоа веќе го споделуваа и сите останати.
Би сакал да расчистам неколку работи:
Дали тоа е мојот глас на снимката?
Да.Дали разговарам за супстанца чиј промет е забранет?
Да. Но, во овој разговор не нарачувам кокаин. Договарам набавка на масло од канабис. За медицинска употреба, за моја многу блиска личност на која маслото од канабис и’ помогна таму каде другите лекови не можеа да и’ помогнат. Тоа го правам веќе неколку месеци и ќе го правам се’ додека е потребно.
Немам никаква намера да се правам светец, ниту да глумам дека сум изненаден зошто мојот политички противник одбра токму вака да ме нападне. Ама немам намера ниту да се правдам за мојот приватен живот. Во оваа „БОМБА“ нема договарање на милионски криминали. Нема заговарање за уништување животи. Нема местење избори. Нема ендеци и запалени кафани. Има наводи за мојот приватен живот, кои (во овој случај) се извадени од контекст.
Исто така, очекувам службите многу сериозно да го истражат овој случај. Ова не е снимка од телефонски разговор кој некако „протекол“. Поради тоа, не подложи на заштита согласно Законот за заштита на приватноста од 2015г., кој се однесува на снимките по кои постапува СЈО. Но, ова е Неовластено прислушкување и тонско снимање, предвидено со чл. 151 од Кривичниот законик и очекувам дека сторителот ќе биде изведен пред правдата.
п.с. Крајно време е да ја олабавиме законската рамка за медицинска употреба на канабисот и да ја декриминализираме личната употреба. Поддршка за луѓето што се влечат по судови поради тоа што произведуваат масло за болните!