ДРАГАН МИШЕВ
Секој потенцијален конфликт во Украина е нужно поврзан со прашањето за потребите на Европа за гас и улогата на Украина во нивно снабдување. Но, според експертите, Украина можеби ќе треба да ја преиспита својата улога во европскиот гасен систем и да изнајде начини да ги диверзифицира сопствените потреби од снабдување со гас, во спротивно, ќе продолжи да зависи од Русија. Полска веќе го направи својот стратешки потег, градејќи гасовод до Норвешка и терминалите за ЛНГ за увоз на гас од САД и Катар.
Русија испорачува помеѓу 40% и 50% од потрошувачката на гас во Европа, околу 200 милијарди кубни метри годишно, од кои околу 100 милијарди одат преку централните и северните правци на гасоводот, кои го вклучуваат гасоводот Северен тек 1 и украинската мрежа. Северен тек 1 има капацитет од 55 милијарди кубни метри, и доколку се одобри Северен тек 2, таа количина ќе се удвои.

„Особено загрижувачки е тоа што самата национална безбедност на Украина ќе биде поткопана доколку „Северен тек 2“ профункционира, со директни импликации за претстојната воена акција на Русија против Украина“, изјави за ДВ Бенџамин Шмит, висок соработник во Центарот за анализа на европската политика.
„Доколку тоа се случи, би имало јасно намалување на стратешкото одвраќање против секое потенцијално идно проширување на агресивното однесување на Москва надвор од Донбас и Крим, особено затоа што дел од инфраструктурата на гасоводот на која се потпира Русија се наоѓа во непосредна физичка близина на сегашните тензии во источна Украина“, додаде тој.

На Германија и треба рускиот гас
Германија мора да продолжи да се потпира на рускиот гас за да може да го исфрли од употреба јагленот и да ги ограничи цените на енергијата, предупреди извршниот директор на „E.ON“, водечката компанија за електрична енергија во оваа земја, Леонхард Бирнбаум.
-Сметаме дека ни треба рускиот гас. Точка. Особено затоа што сега треба повеќе да се потпираме на гас бидејќи сакаме да престанеме да користиме јаглен, рече Бирнбаум.
Тој изрази поддршка за гасоводот „Северен тек 2“, што треба двојно да ги зголеми испораките на руски гас за Германија, но е критикуван во Вашингтон и од сојузниците, со оценката дека германската Влада направила стратешка грешка.
-Гледано од перспектива на енергетска економија „Северен тек-2“ помага. Политичката оценка може да биде различна и за неа треба да се разговара на политичката арена, потенцира првиот човек на „Е.ОН“.
Германија купува до 55% од својот природен гас од Русија, а голем дел од тој гас оди преку Украина или Белорусија низ Полска.
Гасот што доаѓа од Русија, преку гасоводот, во принцип е поевтин од течниот природен гас (ЛНГ).
-Доколку треба да се потпреме на ЛНГ, цените на бензинот во Европа ќе бидат многу повисоки од претходно. За да паднат цените, до Европа мора да стигне повеќе гас преку гасоводите, објасни Бирнбаум.
САД разговара со енергетските компании за снабдување со гас во ЕУ во случај на конфликт меѓу Русија и Украина
Владата на САД разговарала со неколку меѓународни енергетски компании за плановите за вонредни ситуации за снабдување со природен гас во Европа, доколку конфликтот меѓу Русија и Украина го наруши снабдувањето од Русија, изјавија за Ројтерс двајца американски претставници и два извори од индустријата.

Соединетите Држави се загрижени дека Русија се подготвува за можен воен напад врз земјата што ја нападна во 2014 година. Русија негира дека планира да ја нападне Украина.
Секој прекин на снабдувањето со гас од Русија за Европа ќе ја влоши енергетската криза предизвикана од недостигот на гориво. Рекордните цени на струјата ги зголемија сметките за енергија на потрошувачите, како и деловните трошоци и предизвикаа протести во некои земји.
Претставници на Стејт департментот се обратија до компаниите за гас за да се информираат од каде би можеле да дојдат дополнителни залихи доколку се потребни, изјавија за Ројтерс два извори од оваа индустрија, кои поради чувствителноста на ова прашање побараа да останат анонимни
Компаниите за гас им рекоа на претставниците на американската влада дека глобалните испораки на гас се стеснети и дека има малку достапен гас за да се заменат големите количини од Русија, велат изворите од индустријата.
Висок претставник на американскиот Стејт департмент, кој исто така сакаше да остане анонимен. Кажа дека Стејт департментот не побарал од компаниите да го зголемат производството.
Покрај тоа што ги прашаа компаниите каков капацитет имаат да ги подигнат залихите, американските власти, исто така, прашаа дали компаниите имаат капацитет да го зголемат извозот и да го одложат одржувањето на теренот доколку е потребно, велат изворите.
Не е обелоденето со кои компании контактирале претставниците на САД. Royal Dutch Shell (RDSa.L), ConocoPhillips и Exxon (XOM.N) одбија да коментираат на прашањето дали биле контактирани. Chevron Corp (CVX.N), Total, Equinor (EQNR.OL) и Qatar Energy не одговорија веднаш на барањето за коментар.
САД ветија поддршката на Европа доколку има недостиг на енергија поради конфликт или санкции“, вели анонимниот извор од индустријата.
Високиот советник за енергетска безбедност Амос Хохштајн кој ги води разговорите на Стејт департментот со енергетските компании, оди во големи компании што произведуваат ЛНГ и земји како Катар за да види дали можат да им помогнат на Соединетите држави, додава изворот.
Доколку се намалат испораките на гас од Русија до Европа, европските купувачи ќе треба да бараат големи количини со суперладен гас за да се компензира.
Извозот на течен природен гас (ЛНГ) на САД ќе се зголеми оваа година за да стане најдобар снабдувач со ЛНГ во светот. Европа се натпреварува за снабдување со ЛНГ од добавувачи како што се САД и Катар со големите потрошувачи, како Кина и Јапонија, кои исто така се соочуваат со енергетска криза.
Австралија и нуди гас на Европа додека се зголемуваат тензиите меѓу Русија и Украина
Како што растат тензиите околу Украина меѓу Русија и Западот, и се зголемуваат стравувањата дека Москва може да го намали или затвори гасот што го доставува во Европа, ВОА пренесува дека Австралија се понудила да обезбеди дополнителен течен природен гас за Европа, доколку Русија одлучи да го прекине снабдувањето со овој енергенс.

Австралија е еден од водечките светски производители на течен природен гас (ЛНГ) и е подготвена да го зголеми својот извоз во европските земји.
Министерот за трговија Ден Техан изјави дека Австралија е „подготвена да ги поддржи нашите пријатели и сојузници во сегашното предизвикувачко и сложено, геостратешко опкружување“.
Тони Вуд, директор на енергетската програма на Институтот Гратан, австралиска истражувачка организација, изјави за австралиската радиодифузна мрежа дека Австралија е подготвена да помогне.
„Австралија, Соединетите Држави и Катар заедно обезбедуваат околу 50 отсто од светскиот ЛНГ како испорачан природен гас, додека она што Русија го обезбедува, очигледно, е преку гасоводот (кој минува низ Украина или други источноевропски нации)“, рече тој. „Но, таму има одредена флексибилност. Значи, она што се случува сега е дека тие ( Европа) бараат да видат дали можат да добијат залихи од друго место. САД се обидуваат да координираат дел од тоа, а дел од австралискиот гас веќе е искористен за да помогне да се надополни проблемот во моментов, кој, се разбира, може да се влоши ако ситуацијата во Украина ескалира“.
„Газпром“ почна да ги зголемува испораките на гас за Европа
Од вчера барањата до „Газпром“ за транзит низ Украина изнесуваа 107,7 милиони кубни метри, што е блиску до максималниот договорен волумен на транзитен капацитет од 109 милиони кубни метри, што е двојно повеќе од просечното испумпување за јануари годинава.

Рускиот концерн „Газпром“ за првпат во последните 43 дена зачува дел од капацитот на гасоводот Јамал-Европа за транзит на сино гориво низ Полска. Според информациите, објавени на платформата GSA, денеска низ Јамал-Европа во транзит ќе поминат 12,53 милиони кубни метри гас. Гасоводот Јамал-Европа минува низ Русија, Белорусија, Полска и Германија, и има капацитет од 33 милијарди кубни метри гас годишно.












