Претседателот Стево Пендаровски не ја продолжи вонредната состојба, кој истакна дека според информациите од Владата обезбедени се доволно количини на медицинска заштитна опрема за сите граѓани и донесени се економски мерки за поддршка за националната економија.
Пендаровски во однос на изборите, истакна дека се неопходни за да добиеме функционален наместо распуштен Парламент и легална и легитимна наместо техничка влада.
Пендаровски во изминативе недели имал комуникација со лидерите на политичките партии и со стратешките партнери од меѓународната заедница.
„Власта и опозицијата се согласни дека на изборите мора да има набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР, ДИК во соработока со Комисијата за заразни болести треба да изготви посебни протоколи за безбедно гласање на граѓаните, и безбеден престој во просториите на гласање на членовите на избирачките одбори и домашните и меѓународните набљудувачи. За жал власта и опозицијата не ги приближија своите ставови за датумот на изборите“, додаде Пендаровски.
Тој истакна дека власта и опозицијата не успеале да договорат датум за изборите и упати јавен повик до претседателите на најголемата партија во власта, Зоран Заев и најголемата опозициона партија, Христијан Мицкоски, да седнат уште денеска и да најдат излез од оваа ситуација со ставање на државните над личните и партиските интереси.
„Во спротивно ќе ја отвориме вратата за уште поголема криза и не само што ќе ја доведеме во прашање нашата европска перспектива, туку ќе ги поткопаме нашите напори да излеземе накрај со пандемијата, за што ни е потребен јасен државен консензус и стабилни институции“, истакна Пендаровски.
А. П.