Почнувајќи од утре, „Зелен хуман град“ го започнува проектот АГОРА, кој означува серија јавни форуми на кои граѓаните ќе можат да се запознаат со есенцијалниот водич на коалицијата како нејзин главен програмски документ и да учествуваат во неговата надградба, објави на Фејсбук независната листа Зелен Хуман Град.
Целта на проектот АГОРА е поднесување на предлози од присутните граѓани, по што ќе се разгледуваат и дебатираат од учесниците на форумот, кои потоа ќе бидат изложени на посебна нова секција на МојГрад. Корисниците на платформата со гласање ќе одобруваат дали да станат дел од есенцијалниот водич на ЗХГ и програмата за следните четири години.
Првиот форум од проектот АГОРА ќе се одржи утре на пладне во Градскиот парк, спроти бараките на Град Скопје, и на него ќе се дискутира за агендата на ЗХГ . Дебатата ќе ја отвори и модерира Иво Босилков, професор по политички науки.
Во следните изданија на проектот АГОРА предлозите и дискусиите ќе се водат во рамките на шесте тематски заложби на коалицијата: социјална правда, одржлив развој, енергетска независност, чиста животна средина, заштита на животните и урбана мобилност.