„Завршува 55-тиот ден од нашата одбрана од руската агресија од големи размери. Во моментов, практично целиот борбено подготвен дел од окупаторската армија е концентриран на територијата на нашата држава и во пограничните области на Русија. Тие ги донесоа против Украина речиси сите и речиси се што може да војува со нас“, изјави украинскиот претседател Воломир Зеленски во своето редовно видео обраќање.
„Затоа, во оваа пресметка, во оваа одбрана, пред очите на целиот свет, ние навистина и се спротивставуваме на армијата која важеше за втора или трета по сила. А начинот на кој нашите Вооружени Сили се држат, начинот на кој целата наша нација храбро се брани, покажува дека сепак украинската армија одамна заслужува да биде повисока од руската на глобалното рангирање“, вели Зеленски.
Ако имавме пристап до целото оружје што ни треба, кое го имаат нашите партнери и кое е споредливо со оружјето што го користи Руската Федерација, веќе ќе ја завршивме оваа војна. Ќе го вративме мирот и ќе ја ослободивме нашата територија од окупаторите. Затоа што супериорноста на украинската војска во тактиката и мудроста е сосема очигледна.
Затоа ја нагласувам едноставната вистина буквално во секој контакт со лидерите на демократскиот свет, во сите преговори, во сите интервјуа – неправедно е што Украина сè уште е принудена да бара нешто што нејзините партнери го чуваат некаде со години. Ако тие го имаат оружјето што ѝ треба на Украина овде, што ѝ треба сега, ако ја имаат муницијата што ни треба овде и ни треба сега, тогаш нивна, пред сè, морална должност е да помогнат во заштитата на слободата. Да помогнат да се спасат животите на илјадници Украинци, потенцираше Зеленски.
Зеленски посочи дека интензитетот на огнот на руските војници во правецот на Харкив, во Донбас и во Днепропетровската област е значително зголемен. Што се однесува до намерно убивање цивили, уништување станбени населби, цивилна инфраструктура, користење на секаков вид оружје, вклучувајќи го и она што е забрането со меѓународните конвенции, Зеленски потенцира дека е руско секојдневие и бренд.
А кога ќе се формира специјален суд за да ги осуди сите виновни за воени злосторства, рускиот пасош ќе значи само едно во која било земја: недвосмислена осуда од сите пристојни луѓе, недвосмислена неподготвеност за соработка, вели Зеленски.
„Ситуацијата во Мариупол останува непроменета – максимално тешка. Руската војска ги блокира сите напори за организирање хуманитарни коридори и спасување на нашиот народ. Локалните жители кои паднале во рацете на окупаторите ги спремаат за депортација или дури и за мобилизација во окупаторските сили. Не е позната судбината на најмалку десетици илјади жители на Мариупол, кои претходно биле преместени на територијата под руска контрола.
За жал, не слушаме одговор од Русија на понудата за размена, што може да ги спаси цивилите и бранителите на Мариупол. И овој молк треба да го забележат сите кои биле или можеби се поврзуваат со Русија. Кога ќе се реши вашата судбина, Москва ќе молчи. Ова е значајно. И ова е најдобриот аргумент да не се контактира со Руската Федерација“, вели понатаму Зеленски.
Зеленски зборуваше и за средбите со премиерот на Холандија Марк Руте и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, а посочи дека сè повеќе светски компании најавуваат за запирање на нивната работа во Русија.
„Сакам да нагласам дека тоа е неизбежно: секој нормален бизнис ќе мора да донесе таква одлука и да ја напушти Русија. Сега руската држава е на ниво каде секое поврзување со неа и каква било поддршка за неа значи соучесништво во масовни убиства. Соучесништво во она што ќе се нарече злосторство против човештвото и геноцид“, вели Зеленски.
Пред да го снимам обраќањето, го потпишав веќе традиционалниот указ за наградување на нашите бранители. На 286 воени лица на Вооружените Сили на Украина им беа доделени државни награди. Од нив 229 се воeни лицa на 36-та посебна бригада маринци, која заедно со другите единици херојски го брани Мариупол. Максимална благодарност од целиот украински народ до 36-та бригада, Азов, 12-та бригада на Националната гарда на Украина, граничарите, доброволците од Десниот сектор, 555-та воена болница, полицијата и територијалната одбрана, додаде Зеленски.