Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија започнала офанзива за освојување на источниот регион Донбас. Според Зеленски, битката за Донбас е започната.
Сега може да се констатира дека руските војници ја започнале битката за Донбас, за која се подготвувале долго време. Многу голем дел од целата руска армија сега е фокусирана на оваа офанзива, рече Зеленски, во своето синоќешно обраќање.
Тој потенцираше дека колку и да се носат руски војници таму, Украинците ќе се борат, ќе се бранат, ќе го прават тоа секојдневно. Нема да се откажат од ништо украинско и не им треба она што не е нивно.
И јас сум им благодарен на сите наши борци, на сите наши херојски градови во Донбас, на Мариупол, а исто така и на градовите од регионот Харков кои се држат, ја бранат судбината на целата држава, одбивајќи ги силите на напаѓачите. Рубижне, Попасна, Золоте, Лисичанск, Северодонецк, Краматорск и сите други кои биле со Украина сите овие години и засекогаш, рече Зеленски.
Подготви: Д.Мишев