Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли идејата на Владимир Путин за билатерална средба во Москва, возвраќајќи со предлог рускиот лидер да го посети Кијив, во интервју за ABC News.
„Тој може да дојде во Кијив. Јас не можам да одам во Москва кога мојата земја е под ракети, под напади, секој ден. Не можам да одам во главниот град на овој терорист“, рече Зеленски.
Според него, предлогот на Путин всушност имал за цел одложување на нивниот состанок.
Зеленски изјави дека е подготвен за состанок во кој било формат.
Според него, Путин „игра игри со САД“.
„Ако некој не сака да се сретне за време на војната, секако, може да предложи нешто што не може да биде прифатливо за мене или за другите“, порача Зеленски.
Како што беше објавено, претходно Путин изјави дека е подготвен да се сретне со Зеленски во Москва.
Д. Т.