Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика Европската унија да ја поддржи иницијативата за користење на околу 140 милијарди евра замрзнати руски средства за финансирање на одбраната на Украина.
На самитот во Брисел, Зеленски изрази надеж дека лидерите на ЕУ ќе донесат „позитивна политичка одлука“ за употреба на средствата, кои се наоѓаат во белгиската клиринг-куќа Еуроклир, пишува Би-би-си.
„Русија ја донесе војната на нашата земја и мора да плати за тоа“, изјави тој.
Предлогот предизвикува поделби меѓу членките на Унијата. Белгија е особено претпазлива поради можни правни последици, доколку Москва поднесе тужба против Euroclear.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас, потврди дека постојат „одредени правни прашања“, но нагласи дека „Русија е одговорна за штетите и мора да плати“.
Од Москва реагираа остро – портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, предупреди дека „секоја конфискација на руските средства од страна на Брисел ќе има болни последици“.
Паралелно, ЕУ и САД воведоа нови санкции насочени кон руската нафтена индустрија. Европските мерки опфатија и три кинески компании кои се големи купувачи на руска сурова нафта, со цел – како што изјави Калас – „да се лиши Русија од средствата со кои ја финансира војната“.
Кина го осуди потегот, оценувајќи дека тој „сериозно го поткопува економското и трговското партнерство меѓу Пекинг и Брисел“, пренесе Би-би-си.