Украинските дипломати, нашите нуклеарни научници и МААЕ се во постојан контакт, сега работат на испраќање на мисијата на МААЕ во АЕЦ Запорижја. Само апсолутната транспарентност и контрола на ситуацијата во и околу АЕЦ Запорижја за украинската држава, за меѓународната заедница и за МААЕ може да гарантира постепено враќање на нормалната нуклеарна безбедност, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното видео обраќање.
Тој нагласи дека руската армија мора да се повлече од територијата на АЕЦ и од сите соседни области и да ја одземе воената опрема од станицата. Тоа треба да се случи без никакви услови и што е можно поскоро.
Зеленски истакна дека Украина е подготвена да обезбеди соодветна контрола од страна на МААЕ, а соодветната мисија може да биде испратена до АЕЦ Запорижја на легален начин, многу брзо и што е можно поефикасно.
Соопшти и дека генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш веќе пристигнал во Украина и ќе работат на потребните резултати за Украина.
Тој ги повика Чилеанците и сите слободољубиви луѓе во Латинска Америка да ја шират вистината за војната на Русија против Украина и да ја поддржат политиката на санкции чија цел е терористичката држава да плати највисока можна цена за теророт.
Претседателот информира дека потпишал нови укази за наградување на украинските војници. На 230 војници на Вооружените Сили на Украина им беа доделени државни награди, од кои 43 постхумно. Исто така, на 24 вработени во Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина им беа доделени државни награди.
Сите наши војници – нашата армија, нашето разузнавање, граничарите, Националната гарда, СБУ и сите вклучени во заштитата на нашата држава и народ прават се што е можно за да ги победат руските терористи и да ги истиснат од украинската земја, нагласи Зеленски.
Украинскиот претседател информираше најтешките борби во моментов кои се водат од Авдијивската насока, Бахмутската насока, Харкивската област и некои други . Се заблагодари на сите што го издржуваат овој притисок, што ги бранат позициите и им помагаат на војниците. Во Запорижската област, посочи Зеленски, во некои региони на југот на земјата, окупаторите се обидуваат да ја подобрат својата состојба, но стратешки тоа е безнадежно за нив.
Украинските војници чекор по чекор ќе го уништуваат потенцијалот на окупаторите и ќе дојде ден кога непријателот ќе загине во Запорижја, на југ, на исток од земјата и на Крим. Напаѓачите ќе умрат како роса на сонцето, а нашата одбрана е и ќе биде ова сонце, дециден е Зеленски.
Подготви: Д.Мишев