„Зголемување на употребата и достапноста на официјалните статистички податоци во Република Северна Македонија“ е насловот на проектот кој денеска во Скопје ќе го презентираат директорите на Државниот завод за статистика и на Шведскиот завод за статистика, Апостол Симовски и Јоаким Стимн.
Како што е најавено, на настанот ќе се обратат и државниот секретар во Министерството за надворешни работи Калинка Габер и гувернерката на Народната банка на РСМ, Анита Ангеловска Бежоска.
Во вториот дел ќе следи панел-дискусија на која ќе земат учество директорот на Шведскиот завод за статистика, Јоаким Стимн, Апостол Симовски, директорот на ДЗС, комуникологот Бојан Кардалов, Џабир Дерала, претседателот на ЦИВИЛ, и Билјана Дуковска од Платформата за справување со сиромаштијата.
ЦИВИЛ будно ги следеше активностите околу пописот уште од почетокот, со бројни настани и постојани известувања на медиумската платформа ЦИВИЛ Медиа. Екипата на ЦИВИЛ на крајот на изминатата година и почетокот на тековната година одржа неколку панели на локално ниво со претставници од различни општини, на тема Пописот е статистика, не политика, и со претставници на Државниот завод за статистика, како што е директорот на оваа институција, г. Апостол Симовски.