Шефот на делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, при денешната посета на Струмица во рамки на кампањата „ЕУ за ТЕБЕ“, истакна дека се надева дека во јуни земјите членки ќе усвојат позитивен извештај за да може Северна Македонија да добие преговори за членство во ЕУ.
„Сега е потребно да ги видиме реформите, кои ги следиме и во јуни ќе се направи проценка и се надевам дека потоа ќе почнат преговорите, зашто токму тие преговори ќе ја донесат промената која сакат да ја видат не само младите, туку и граѓаните на земјата“, додаде амбасадорот Жбогар.
Амбасадорот Жбогар ќе се состане и со градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, и ќе ја посети градинката „Детска Радост”. Оваа градинка е дел од ЕУ проект финансиран во рамки на програмата за прекугранична соработка на Европската Унија, со цел подобрување на заштитата на животната средина и користење на природните ресурси преку инвестирање во еколошка инфраструктура и образование за енергетска ефикасност.