поентира: ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ
НИШТО ОСВЕН ИЗБОРИ…
Откако Амбасадорот Жбогар нѝ кажа дека сме направиле сѐ што е од нас побарано, понатаму, освен избори, друго ништо не треба да правиме.
КОЈ ДА ТИ БИЛ ГАРАНТ НА ОХРИДСКИОТ…
До пред некој ден никој не знаел дека гаранти на Преспанскиот, Охридскиот и договорот со Бугарија, не се тие што ги потпишале и од кои враќање назад во ниедна околност нема, туку ДУИ.
ЗА МАЃАР ТЕЛЕКОМ, ПО КОЈ ЗНАЕ КОЈ ПАТ…
Владата со право на директорите на Маѓар Телеком им вети и во иднина искрена соработка со овдешната компанија. Meѓутоа, за нашата јавност остана нејасно зошто оваа компанија не помага нашите надлежни органи да ги откријат функционерите во Македонија на кои поранешните нејзини директори им исплатиле повеќе милионски износи евра мито, кога се знае дека судот во Њујорк за тоа дело нив ги казни.
КОМУ НЕ МУ ОДГОВАРААТ УСПЕШНИ ИНСТИТУЦИИ ЗА АНТИКОРУПЦИЈА И РЕВИЗИЈА…?
Работата на Државниот завод за ревизија и на Антикорупциската комисија, откако постојат не ги дала очекуваните резултати. Причина за ова не е нивната неспособност или отсуството на нивна волја. Главна причина е тоа што успехот на овие институции не им одговара на корумпираните политичари на партиите на власт и ништо друго. Вчера гледавме како на собраниска Комисија за избор на директор на ДЗР се караат и пратеници кои се или обвинети или осомничени.
ПОЛИТИЧАРИ ШТО ТРЕБАШЕ ДА БИДАТ ВО ЗАТВОР, НЕ МОЖЕ ДА ИСПОРАЧААТ…
Aмбасадорот Тимоние вчера изјави дека “доколку се дадат позитивни точки до месец мај и од ваша и од наша страна, мислам дека ќе добиеме добри вести”.
Добри вести од наша страна, г. Амбасадор, нема да добиете, сѐ додека Вие тоа го очекувате од наши политичари кои одамна требаше да бидат во затвор, а не, на средбите со Вас, да ве убедуваат дека нивните партии се залагаат за владеење на правото.