Од Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ) упатија апел до медиумските работници кои се во моментов на терен во Кочани и другите градови од каде што имаше жртви од пожарот во дискотеката „Пулс“. Тие велат да се почитува приватноста и етичките стандарди и дека новинарството е во служба на јавниот интерес, но никогаш на сметка на човечкото достоинство.
ЗНМ потсетува дека известувањето од денешниот погреб мора да биде во согласност со претходно утврдениот протокол и со основните принципи на професионалната етика.
„Објавувањето на фотографии и видеа со гробни места, блиски членови на семејствата и приватни моменти претставува директно кршење на препораките за етичко известување и нарушување на достоинството на засегнатите лица. Ги повикуваме оние неколку медиумски работници и редакции кои отстапуваат од протоколот, да покажат почит и одговорност, да не објавуваат содржини што можат да предизвикаат дополнителна болка и да се придржуваат кон стандардите на етичко новинарство. Новинарството е во служба на јавниот интерес, но никогаш на сметка на човечкото достоинство“, велат од ЗНМ.