Остра осуда за ширење дезинформации што на својот Твитер профил ги пласира пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Стевананџија, пристигна од Здружението на новинарите на Македонија.
Стевананџија на својот Твитер профил објави фотографија со коментар дека колегите Борјан Јовановски и Боби Христов наводно се гости на отворање на контроверзен угостителски објект во Охрид. Според колегите Јовановски и Христов, станува збор за лажна фотографија од објект во Градскиот Трговски Центар во Скопје и истата објава служи да им се наруши нивниот имиџ како новинари.
„ЗНМ укажува дека преку етикетирање и ширење на дезинформации на новинари, особено од страна на избрани претставници на Собранието на Република Северна Македонија, може сериозно да им се наштети на професионалниот интегритет и углед на новинарите, а со тоа да се намали и довербата на јавноста во медиумите.
Освен ова, јавните личности, а особено пратениците треба да служат за пример и посебно да внимаваат како комуницираат со новинарите и воопшто со генералната јавност.
Го повикуваме пратеникот Стевананџија јавно да објави демант за објавената невистина и да се извини на новинарите за евентуалните последици од објавата“ – се вели во соопштението на ЗНМ.