Поранешниот директор на Управата за спречување на перење пари, Ване Цветанов, подоцна обвинет во случајот „Шпион“, а сега претседател на Здружението „Зелена лупа“, на вчерашната конференција „Враќање на одземената правда“, во организација на Комитетот за заштита на правата, пред присутните зборуваше за Законот за повторување на судската постапка и ревизија на сите случаи за кои постојат сериозни индикации дека се политички монтирани случаи.
„Македонија помина низ еден период кадешто 11 години се вршеше злоупотреба и узурпација на правосудниот систем. Како човек којшто е лично засегнат и оштетен во случајот „Шпион“, но и како претседател на Здружението „Зелена лупа“, можам да кажам дека досега од десет детално прегледани случаи за организиран криминал, не е пронајден ниту еден случај којшто е регуларно поминат низ судскиот процес“, вели Цветанов.
Според Цветанов сите случаи коишто ги водел Одделот за организиран криминал имаат пропусти во постапките.
„Направени се сериозни штети на материјалното право, судени се луѓе без докази, а од друга страна имаме и случаи каде што и индивидуалци, значи случаи кои не се водени како организиран криминал, се апсени и затворани без докази“, истакна Цветанов.
„Таков пример е човек од Косово, кој е киднапиран, наместен и обвинет за грабеж на Про-кредит банка од 30.000 евра. Се работи за бизнисмен од Косово, милионер. Веќе десетта година скапува во Идризово без ниту еден доказ, буквално ништо, киднапиран, однесен, фрлен и заборавен“, рече тој.
„За да има правда, да има мир, да имаме владеење на правото во државата неопходно е и мора да се најдат филтри и начини, мора да се донесе закон за повторување на судските постапки и мора да се воспостават реални критериуми за никој да не биде заборавен. Ова е неопходно за да може да функционира демократијата во Република Македонија“, заклучи Цветанов.
Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов