Во Македонија во моментов активни пожари има во селата Заграт и Грашница во близина на Македонски Брод, во местото Јасеновска глава во Чашка, во селото Никодин и местото Слива, Прилепско, над селото Копанце во Тетовско, како и кај село Градманци, Општина Петровец – соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според ЦУК, нема опасност од проширување на пожарите, зашто главно горат нискостеблеста шума и сува трева, а екипите се постојано на терен и соодветно дејствуваат.
Како што соопшти на прес-конференција Надица Вчкова од ЦУК, пожарите во останатите делови од Македонија се локализирани и ставени под контрола.
„Состојбата на терен постојано се следи, а надлежните заседаваат со цел ефикасна координација на активностите за гасење на пожарите. Уште еднаш апелираме, граѓаните да внимаваат при работа и движење на отворено, како и да ја почитуваат забраната за движење низ шумите. Казната за непочитување на овие мерки е од 1.500 до 2.000 евра, додека за потпалување на шумите е многу повисока“, соопшти Вчкова.
Во Општина Македонски Брод се локализирани пожарите во атарите на селата Близанско, Калуѓерец, Могилец, Растеж и Волче, додека во атарот на село Заграт, малото жариште кај местото Секулово гумно, вчера било локализирано, но денеска, поради силен ветер, се разгорело.
Активен, но локализиран е и пожарот кај селото Никиштани, Ѓорче Петров, а под контрола се ставени и пожарите над селото Бањиште кај Дебар, како и кај селото Галиште, кавадаречко.
Според Драги Тарчуговски, за гасење на пожарите во Скопско, од денеска е вклучена и израелската помош. Изгаснат е кракот кон Градманци, Катланово, кој зафатил зеленика, нискостеблеста и дабова шума, а останува уште кракот во правец кон селото Чифлик, каде се дејствува и од воздух и од земја.
Кризната состојба во Македонски Брод и Чашка што беше прогласена во неделата, останува на сила до 8 септември.
На дневен ред на денешната седница на Владата е и состојбата со пожарите во Македонија.
Пожарот кај касарната „Илинден“ го подметнало малолетно момче, кое заедно со уште две лица на возраст од 25 и 19 години, е приведено во полициската станица во „Карпош“.
Дирекцијата за заштита и спасување бара државата да вработи уште четири до пет пилоти, оти тројцата кои во моментот ги летаат противпожарните авиони се премалку. Според директорот Шабан Салиу, трите авиони се вклучени во гасењето на пожарите, но не можат да се користат со полн капацитет, бидејќи и пилотите и леталата мора да одмораат.
„Имавме координации во текот на оваа година и во текот на минатата година, баравме пилоти, меѓутоа тешко се наоѓаат… Имавме точно шестмина, едниот немаше обука, не можеше да се изврши обука, извесно време беше во Дирекцијата за заштита и спасување, и замина. Имавме и други двајца пензионирани пилоти од Армијата кои се вклучија во Дирекцијата за заштита и спасување, но пред извесен период си заминаа“, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Салиу.