По повод Mеѓународниот ден на мирот, 21 Септември, Коалицијата за основање Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства и други тешки повреди на човековите права извршени во периодот од 1991–2001 година (РЕКОМ) ги повикува претседателите на пост–југословенските држави да потпишат договор за основање на Комисијата, за преку јавно признавање на сите жртви, да се даде придонес во изградбата на добрососедските односи, бидејќи овој чин „претставува предуслов за враќање на мирот и довербата, а истовремено е и гаранција воените злосторства никогаш да не се повторат“.
„Обврска на сите претседатели и на владите на постјугословенските земји е токму обезбедувањето на траен мир во регионот, а основањето на РЕКОМ има голем потенцијал да помогне во нејзината реализација“, пишува во соопштението на Коалицијата.
Иницијативата за основање на РЕКОМ стана дел и на Берлинскиот процес, а поради улогата на РЕКОМ, како единствен регионален механизам што претставува врска меѓу успешната регионална соработка и помирувањето во регионот, претседавачите на Самитот за Западниот Балкан одржан во Трст на 12 јули 2017 година, тоа и го истакнаа во завршната Декларација од настанот.
ЦИВИЛ – Центар за слобода, како членка на Коалицијата за основање Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства и други тешки повреди на човековите права извршени во периодот од 1991–2001 година (РЕКОМ) се придружува кон заложбите за траен мир во регионот, за враќање на мирот и на довербата.