Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, одржа прес-конференција на којашто се осврна на работата во изминатите 100 дена, од неговиот избор за премиер и формирањето на Владата, со примарна обврска да ги организира и спроведе претседателските и парламентарните избори во државата.
Во продолжение е интегрален текст од обраќањето на премиерот Џафери на прес-конференцијата:
„Се обврзав пред граѓаните дека ќе овозможиме слободно изразување на граѓанската волја на двојните, претседателски и парламентарни избори. И оваа приоритетна обврска, доверена согласно Уставот и законите, и јас како премиер, и Владата – доследно ја исполнивме.
Спроведовме европски избори, во слободни, мирни, фер и демократски изборни процеси во двата изборни круга. Избори што ќе се спомнуваат по тоа како може, и како треба да се сработи во интерес на граѓаните и државата. Со тоа, со право можам да оценам дека придонесовме во европското поведение на земјата, којашто се стреми да биде членка на Европската Унија. Потврда на моите зборови се и честитките и изразите на почит и од нашите европски партнери.
Ако по нешто се оценуваат европските и демократските капацитети на една власт – тогаш тоа се изборите. И во оваа прилика, изразувам благодарност и до институциите и до граѓаните, затоа што беа на висина на одговорноста и придонесоа кон нашите искрени заложби – државата да напредува според европските вредности.
Токму вака, на дело, се работи за големата европска идеја. Очекувам овој правец да го следи и следниот владин состав, затоа што иднината на Република Северна Македонија, мирот, спокојот и перспективите на граѓаните се директно поврзани со напредокот во евроинтеграциите и реализацијата на полноправното членство, во динамичен процес, до 2030 година. Шансата е пред државата и пред новата Влада, исто така и одговорноста!
Сега треба и мора да се продолжи по европскиот пат, со преточување на граѓанската волја во новата извршна власт. Граѓаните очекуваат реализација на ветеното, но и стабилно, предвидливо и напредно општество, во кое ќе се чувствуваат сигурно и во чекор со развиениот демократски свет.
Почитувани,
Денеска, кога одбележуваме 100 дена од формирањето на Владата што ја предводам, со чист образ, мирна совест и должна почит кон сите граѓани, можам да оценам дека тоа што го најавив кога стапив на должноста, дека ќе работам во интерес на сите граѓани и на државата, го спроведов.
– Потврдив дека моето именување за премиер, како прв премиер Албанец на Република Северна Македонија е уште еден придонес во демократијата во Република Северна Македонија.
– Продолживме по стратешкиот евроатлантски колосек, којшто е од највисок државен интерес. Учествував на важни меѓународни настани, со цел афирмација на стратешките евроатлантски определби. Реализирав бројни средби на значајни меѓународни настани, со високи претставници на Стејт Департментот, на државите членки ЕУ, со премиерите од Западен Балкан.
– Ги донесовме и сите други потребни одлуки од значење на квалитетот на живот на граѓаните – согласно надлежностите што ни ги овозможуваат Уставот и законите. Пред сѐ, овде мислам на решенијата што ги изнајдовме за приоритетните проблеми и во таа насока, спроведената ефикасна координација со и помеѓу институциите. Доаѓајќи од законодавниот дом, имав прилика да се насочам и на прашањата коишто беа иницирани од поодамна, а за кои имав можност да најдам решение во својство на премиер.
Почитувани граѓани, за сите активности на Владата што ја предводам, може подетално да прочитате во публикацијата чиј линк ќе го добиете, а којашто претставува Извештај за првите 100 дена од работата на Владата што ја предводев“.
Фокусиран сум на обврските на Владата што ја водам чиј мандат е до избор на новата влада. Составот на идната влада е работа на преговори меѓу политичките субјекти коишто добиле мандат, вели премиерот на Техничката влада Талат Џафери.
-Ќе видиме според калкулациите како ќе бидат разговорите меѓу субјектите. Јас сум фокусиран на обврските на составот на Владата што ја водам. Впрочем, мандатот на оваа владее до избор на нова. Работата на конфигурација на идната влада е работа на преговори меѓу политичките субјекти коишто добиле мандати во Собранието по изборите одржани на 8 мај, така што по ова прашање треба да се очекува резултат од таму, рече Џафери на денешната прес – конференција во Владата по повод 100 дена Техничка влада, одговарајќи на новинарско прашање дали може да се очекува уште еден негов мандат како премиер бидејќи Европскиот фронт очекува да влезе во составот на идната влада,
Прашан дали ДУИ е подготвена да оди во опозиција откако ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да формира влада со Европскиот фронт предводен од партијата од која и тој доаѓа, Џафери упати за одговор на органите на партијата.
-Јас сум премиер и размислувам за мандатот којшто треба да го завршам. Тоа е прашање за органите на партијата. Другото е прашање на исходот на сите преговори за состав на нова влада, вели техничкиот премиер Џафери.
Прашан за коментар за изборниот процес и дали беше спроведен тивок бојкот за претседателските избори, техничкиот премиер вели тој и ДУИ ниту повикале ниту мотивирале за бојкот, туку било оставено на граѓаните да гласаат по сопствена волја.
-Да, и кандидатот за претседател и претставниците на фронтот, и субјектот, конкретно ДУИ, сме оставиле на слободна волја на граѓаните да ја изразат волјата на избирачкото место и во изборната кутија. Поединечните, индивидуални ставови не може да се претставуваат и да се заклучуваат како општи генерални ставови на субјектот, односно на фронтот воопшто. Впрочем, во моето родно место кандидатката сега веќе избрана за претседател со мнозинство имала 100 гласа, провикандидатот експретседателот 127 гласа, тоа е волја на граѓанинот, вели Џафери.
На прашањето да го искоментира во тој контекст видеото објавено од вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби каде тој гласа само со едно избирачко ливче, Џафери вели дека Груби не е ниту влада, ниту е партија, туку дека е тоа негов индивидуален став.
-Јас имав изјава истоветно како премиер на избирачкото место по гласањето, впрочем и потврдив дека и самиот сум гласал и сум ги земал двете ливчиња, така што индивидуалниот став не е општ став по којшто може да се констатира и да се извлече заклучок. Министер е, нека си министер, индивидуа е по однос на Владата, не е став на Владата, индивидуален е ставот, не е став на партиски органи, ниту на фронтот, ниту пак е став на Владата. Индивидуално може секој да каже што сака да каже, тоа е слобода и на мисла и на изразување. По однос на слободата на мисла и на изразување не можете да повикувате на одговорност. Од една страна барате слобода, од друга страна за таа слобода барате одговорност. Епа не може и едно и друго, тоа е работава.
Извор: МИА