Панел-дискусијата „Враќање на слободата“ која во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода се одржа денеска во Клубот на новинарите во Скопје, започна со читање на „Граѓанската повелба“ на младите активист(к)и на ЦИВИЛ коишто претходно со уличен перформанс на централниот скопски плоштад, ја пренесоа пораката „Молчењето ја убива слободата!“.За Граѓанската повелба и начините за враќање на човековите права и слободи во општеството говореа Јасмина Голубовска, Ирена Стеријовска, Дехран Муратов и Југослав Петровски како модератор.
„Колку ние имаме слобода? Колку смееме да зборуваме за нашата слобода? Преку примерот со двете девојчиња кои не беа пуштени во училиште затоа што носеа шамии, се поставува токму прашањето: за која слобода можеме да зборуваме? Кого ќе треба да слушаат тринаесетгодишните девојчиња, родителите кои им наметнале, според религијата, да носат шамии или професорот што им забранил? Во одбрана на тие девојчиња, не застана ниту една од феминистките што ги знам, како многу гласни за женските права…“, изјави Дехран Муратов од ЦИВИЛ-Центар за слобода.
Јасмина Голубовска зборуваше за борбата за слобода во политичкиот контекст во Македонија. Таа истакна дека сензационализмот и заробеноста на медиумите го отежнуваат процесот на ширење на слободата и промовирање на промените за кои се бореа граѓанките и граѓаните. Токму неслободниот пристап до информациите, нетранспарентноста и недостатокот на комуникација со граѓаните, ги прави политичарите коишто сега се одговорни за промените, подложни за критики.
Ирена Стеријовска зборуваше за активизмот и за борбата на активистите за она за што чувствуваат внатрешен порив. „Активистот мора да знае за што се бори. А познавање на темата за која се бори е на некој начин експертизам. Јас ја поздравувам солидарноста, но активизмот е насочување кон идеја и тема за која си подготвен да одиш до крај. Само така, активистички се менуваат работите“, истакна Стеријовска.
Модераторот Југослав Петровски ги поттикна говорниците и присутните на дискусија по неколку прашања за слободата на изразување и слободата на говор, но и за прашања поврзани со кршење на човековите права и слободи во изминатиот период.
Со овие активности, ЦИВИЛ е дел од светската кампања „Проговори!“ (SPEAK!), создадена како одговор на сè побројните напади врз основните човекови права и слободи, и културата на поделби која предизвикува свртување на луѓето – едни против други.
„Проговори!“ е резултат на визијата на Цивикус – Светска алијанса за граѓанско учество, а како дел од Civic Space Initiative.
Во сабота и недела, на 23 и 24 септември, како дел од проектот „Враќање на слободата!“ (ReClaiming Freedom!), во организација на ЦИВИЛ, ќе се одржат уметнички работилници во Градскиот парк, со почеток во 16 часот.
Во вечерните часови овие два дена, на платото на Универзитетот на ЈИЕ, во скопската Стара чаршија, присутните ќе можат да ги погледнат пораките за слобода, произлезени од уметничките работилници, да се информираат за кампањата „Проговори!“ и добро да се забавуваат со ди-џеј сетовите во избор на ЦИВИЛ.
Биљана Јордановска