ДУИ легна на брашното, се чека само името на консензуалниот кандидат за претседател
СДСМ и ДУИ, според повеќе извори, сега веќе постигнале договор за консензуален кандидат за претседател. Последниот збир го кажале лидерите Зоран Заев и Али Ахмети, но дури вечерва во 20 часот ви еден хотел во Скопје ќе се одржи и конференција на која ќе се објави името на кандидатот.
Партијата Алтернатива на Африм Гаши ќе застанат зад истата коалиција. Партиски извори брифираат дека кандидатот ќе биде меѓу четирите најспоменувани Стево Пендаровски, Радмила Шекеринска, Никола Димитров и Оливер Спасовски.
Хрватска и Црна Гора го ратификуваа Протоколот за македонското членство во НАТО
Во Хрватското собрание, со 116 гласови „за“ и 2 „против“ денеска се усвои Протоколот за членство на Северна Република Македонија во НАТО. Со тоа Хрватска е меѓу првите држави, заедно со Грција и Албанија, којашто го ратификуваше Протоколот за влез на Македонија во северноатлантската воено-политичка Алијанса.
Црногороското Собрание денеска ќе го ратификува Протоколот за пристап на Република Северна Македонија во НАТО. На пленарната седница ќе присуствува и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Бејли се поздрави со Северна Македонија
Aмериканскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли на Твитер ѐ се заблагодари на Северна Македонија за гостопримството, пријателството и љубезноста.
Делегација од Европскиот парламент ќе го оценува напредокот на земјава
Делегација на Европскиот парламент, предводена од Туне Келам, престојува во Скопје за да го оцени напредокот на земјата во европските реформи и подготвеноста за можни пристапни преговори. Претставниците од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) ќе се сретнат со политичкото водство, опозицијата и претставници од граѓанскиот сектор.
Се укинува УБК
Од 1 јуни, контраразузнавачите ќе работат во новата Агенција за национална безбедност. Институцијата нема автоматски да ги преземе сегашните вработени од УБК, туку ќе направи селекција на профили што одговараат и не одгоовараат на новите работни места. Тие што нема да одговараат, според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ќе добијат отказ.
„Припадниците на Агенцијата претходно ќе бидат изложени на длабински безбедносни, психолошки и друг вид проверки по пракса воспоставена од НАТО и останатите западни безбедносни служби“ – изјави Спасовски.
Иако реформска, и оваа агенција ќе биде владина бидејќи директорот ќе го предлага премиерот, а ќе го назначи Владата. Но и за Спасовски и за сегашниот директор на УБК, Горан Николовски тоа не значи злоупотреба на информации за одредени лица, бидејќи за секој чекор на агентите ќе биде информиран јавен обвинител.
Демант на МТСП
По вчерашните информации што излегоа во медиумите дека ќе се менуваат термините мајка и татко во родител 1 и родител 2, Министерството за труд и социјална политика излезе со остра реакција, кон ВМРО-ДПМНЕ кои први излегоа со веста.
„МТСП најостро ги демантира дезинформациите и лажни вести кои ги изнесе ВМРО ДПМНЕ во однос на новиот предлог Закон за спречување и заштита од дискриминија. Во никој случај со овој закон не се брише семејството, ниту пак се бришат термините мајка и татко, ова воопшто не е предмет кој се уредува со овој закон“, се вели во нивната реакција.
ДКСК и ЦИВИЛ ќе соработуваат во борбата против корупцијата
Државната изборна комисија, по сите перипетии, со нови законски решенија и нов состав, ќе стреми кон отворена и решителна борба против корупцијата особено во изборен контекст.Тоа е најважниот заклучок од денешната средба меѓу ЦИВИЛ – Центар за слобода и речиси полниот состав на ДКСК, на која се разговараше за можностите за заедничка сорабтка, пред сѐ во текот на изборниот процес, но и во иднина.
ЦИВИЛ, како организација со долгогодишно искуство во изборниот мониторинг ги претстави своите методологии на набљудување, што се набљудува и како организацијата ги информира како да ја препознаат, но и ги охрабрува граѓанките и граѓаните да пријават изборна корупција.
„Предмет на наш интерес се поткупот на гласачите, изборните измамнички практики и сите коруптивни елементи што го следат изборниот процес. Нашите набљудувачи овие состојби ги следат долгорочно, но особено интензивно од моментот на распишување на изборите, сѐ до денот на гласањето, но и во постизборниот период. Исто така, остануваме секогаш отворени и кон соработка со релевантните институции, а најголема помош ни се граѓанките и граѓаните кои навистина веруваат во нас и знаат дека уживаат апсолутна заштита на нивниот идентитет“ – изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, на средбата.
Д. Муратов