До изборите за Европски парламент остануваат уште стотина дена. Во повеќето земји, тие ќе се одржат на 26 мај (недела) 2019 година. Некои земји традиционално одржуваат избори за време на работната недела, така што, европарламентарните избори ќе се одржат од 23 до 26 мај, 2019 година.
Откако Обединетото Кралство ќе ја напушти ЕУ на 29 март 2019 година, бројот на места може да се намали од 751 на 705. Сите места се дистрибуираат меѓу земјите-членки, а Обединетото Кралство имаше 73 места.
Комисијата до Европскиот парламент предложи разликата од 27 места да ги поделат оние земји-членки кои се во релативно неповолна положба. Државите Шпанија и Франција можат да добијат 5 дополнителни места, а Италија и Холандија на три места.
Франција не е единствената држава каде популистичките партии имаат висок рејтинг пред европските избори. Денес, националистичките партии владеат во неколку европски држави, вклучувајќи ги Италија, Полска и Унгарија.
Во Франција, движењето на жолтите елеци може да биде фактор на гласањето во мај, особено затоа што ќе имаат и свои кандидати што може да ја поремети математиката на партијата на Марин Ле Пен.
Инаку, говорот на Виктор Орбан од пред неколку дена, за состојбата на нацијата, пред европските избори во мај, беше огномет од ксенофобични тонови и изјави против ЕУ.
„Европа пред европските избори во мај повторно стигна до точка кога мораме да го браниме нашиот унгарски идентитет, нашето христијанско наследство“, рече Орбан.
Партијата на Орбан, Фидес, е дел од пратеничката група на Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент.
Во пресрет на изборите за Европскиот парламент, Џорџ Сорос упати драматична порака до граѓаните на Европската Унија, дека ЕУ ќе се распадне како Советскиот сојуз доколку не се обедини.
„Европа е во сон, месечари кон целосниот заборав и нејзините жители мора да се разбудат пред да стане предоцна“, истакна Сорос.
Д. Муратов