Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска во Брисел се сретна со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, пред официјалниот министерски состанок на НАТО на ниво на министри за одбрана.
„Чест ми е и привилегија за мене и за мојата земја да бидам тука, за прв пат на НАТО министерскиот состанок. Тоа е доказ дека политичката храброст се исплати, дека промените се можни дури и на Балканот, дури и во времиња како овие. Тоа е и доказ дека не постојат смрзнати проблеми, туку единствено смрзнати решенија. Ќе ми биде привилегија да седам веднаш покрај вас, и покрај останатите колеги министри за одбрана“, рече Шекеринска.
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг истакна дека му е голема чест што министерката Шекеринска денеска ќе учествува на министерскиот состанок во НАТО.
Поставени нови натписи на граничните премини
Од денеска, на граничните премини почна поставувањето на таблите со новото име. Првата табла со Република Северна Македонија се постави на јужниот граничен премин „Богородица“ во Гевгелија.
ДКСК ќе го следи финасирањето на партиите
Новите антикорупционери најавија дека ќе го следат и финансирањето на изборните кампањи на политичките партии за време на претседателските избори, за што побараа помош и од медиумите и невладините организации.
Државна комисија за спречување на корупција ќе го испитува и вработувањето на синот и братот на пратеничката на СДСМ, Мира Стојчевска. Од Комисијата истакаа дека до нив досега не стигна преставка, меѓутоа решија самите да постапат и да го расветлат случајот.
Владата ќе ги „чешла“ сомнителните вработувања
Владата ќе направи анализата околу актуелните вработувања на лица блиски на функционери и пратеници и доколку се покаже дека има форми на протекционизам, тогаш ќе се реагира.
„Процесот е почнат и ние сакаме да заврши што побрзо, за да ја информираме јавноста. Премиерот беше прилично јасен – правиме проценка и кога ќе се направи таа анализа секаде каде ќе се утврди дека има форми на протекционизам, ќе се терминираат тие работни позиции“, додаде портпаролот на владата, Миле Бошњаковски.
Загарантирана работа за младите лекари што ќе завршат образование
Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека во најскоро време ќе обезбедат средства за модел со кој сите млади лекари кои го завршиле образованието ќе добијат понуда за работа во македонското здравство.
„Ние веќе направивме промена во Законот за здравствена заштита, со која воведовме шестмесечен задолжителен стаж на примарно ниво и на ниво на итна медицинска служба за сите млади лиценцирани лекари. Меѓутоа сакаме овој модел да го надградиме, за кој во најскоро време ќе обезбедиме дополнителни средства, за сите завршени млади лекари, кои се околу 300 на број во нашата држава од сите три медицински факултети, да добијат понуда за работно место.
Различни перспективи, жестоки критики и големи надежи
Каде се наоѓа Македонија меѓу надежите и реалноста, како 2018 и 2019 година придонесоа и ќе придонесат кон историските завршници се темите за кои денеска се говореше на конференцијата #Перспективи2019 во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
„Ние се обидуваме да му дадеме тон на она што го правиме како граѓанско општество и да понудиме решенија за тековните проблеми“, истакна претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, на самиот почеток, нагласувајќи ја потребата од ваквата конференција.
Во воведното излагање германскиот амбасадор Томас Герберих истакна дека ова е многу важно време за Македонија, по имплементацијата на Преспанскиот договор и особено по ратификацијата на Протоколот за НАТО во грчкиот Парламент.
„Патот пред вас и нас нема да биде лесен и понекогаш ќе биде болен. А времето тече! Европскиот совет во јуни 2019 ќе одлучи дали ќе започне проширувањето и пристапните преговори, во зависнот од понатамошниот прогрес на реформите. Една работа е јасна! ЕУ перспективите за вас се вистински и повистинити од кога било!“, рече Герберих.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека се уште ни е потребно време за да ја изградиме визијата, а надежта не смееме да ја изгубиме затоа што тоа е она што може да не извлече од целата ситуација.
„Северна Македонија конечно го направи вистинскиот чекор“, истакна Царовска, додавајќи дека доколку вистински се сака, може да се постигне сè!
Д. Муратов