Владата на вчерашната седница, донесе заклучок со кој 15 јули се определува за неработен ден заради непречено спроведување на изборниот процес за предвремените парламентарни избори и истиот нема да се одработува.
Владата го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести, со кој од категориите на лица кои се ослободени од работа и работни активности – родителите на деца до 10-годишна возраст, во овој период да се вратат на работните места само родителите на децата кои се вклучени во воспитно-образовниот процес во училиштата, имајќи предвид дека учебната 2019/2020 година е завршена.
Институциите кои за време на изборите имаат зголемен обем на работа во делокругот на нивната надлежност поврзана со изборниот процес, како на пример Основниот и Вишиот управен суд, Државната изборна комисија и други, да ги вратат во редовен работен процес вработените лица во овие институции кои по различни основи се опфатени и ослободени од работни активности со мерките и препораките на Владата со цел непречено извршување на редовните законски надлежности поврзани со активностите во изборниот период.