Судијката Добрила Кацарска на почетокот ги спомена амнестиите и посочи дека сега им суди на 18 лица.
Кацарака го спомена и Никола Груевски за доказот односно пораката што тој ја добил од Чавков, а му била препретена на Вељаноски. Според судијката, обвинетите Чавков, Лазаров и Пешов не преземаат ништо за да го спречат влегувањето на масата народ во Собранието.
„Парламентот е место каде се води дискусија и со текот на времето ја добива функцијата на претставничко тело на граѓаните. Власта е во рацете на народот, но народот нема право да управува туку преку избраните претставници. Затоа ‘крвавиот четврток‘ не требаше да се случи. Презентирани беа повеќе снимки како докази на ОЈО и насилниот упад се гледа од сите нив. Но, сведоци бевме дека толпата не застана, туку тепаше и новинари и пратеници. Овде го видовме и срамното однесување на полицијата која немо набљудуваше. Дел од нив од досада седеа на фотељите и пиеја вода. Имаше и лица задолжени да ја водат масата кон пратениците. За жал меѓу нив беше и Горан Ѓошевски Леви заедно со Никола Митревски Кољо“, образложи судијката Кацарска пред пресудата.
Кацарска ја спомена и комуникацијата со пораки помеѓу Агим Нухиу и Митко Чавков како носител на златна команда во која комуницираат за состојбата на 27 април и на крајот Чавков е известен од Нухиу за состојбата, но не одговорил. Чавков бил известен, а не преземал дејствија, и бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа произлегува и од вербалните и од материјалните докази, додаде Кацарска и дополни дека полицијата со пасивното однесување придонесе за загрозување на животите на пратениците и новинарите.
„Дурловски ја пеел химната, бил во Собранието на 27 април, но не презема никакви дејствија“, додаде Кацарска. Тој е ослободен од обвинението.
М. И.