Универзалниот ден на детето е воспоставен во 1954 година, и се одбележува секоја година на 20 ноември со цел да го промовира интернационалното здружување и свесност меѓу децата за подобрување на благосостојбата кај децата.
На 20 ноември 1959 година генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Декларацијата на правата на децата, а на истиот датум во 1989 година истото собрание ја усвои Конвенцијата за правата на децата.
На денешен ден 1925 година е роден и американскиот политичар Роберт Френсис Кенеди, кој станал министер за прада кога неговиот брат Џон бил избран за претседател на САД. Бил убиен во Лос Анѓелес во 1968 година во текот на претседателската кампања, по неполни пет години од атентатот во кој бил убиен неговиот брат. Од 1951 работел во криминалистичкиот уред на Министерството за правда, а во 1954 година станал член на Постојаниот сенаторски истражен поткомитет. Од 1961 до 1964 година бил министер за правда, по што во државата Њујорк бил избран за сенатор.
На 20 ноември 1945 година во Меѓународниот суд во Нирнберг започнало судењето на нацистичките воени злосторници. Одговарале 24 германски воени злосторници, од кои 12 биле осудени на смрт со бесење, тројца биле ослободени, еден извршил самоубиство во затворот, а на другите им биле изречени времени казни. Процесот е значаен како прв во историјата во кој агресијата е осудена како злосторство против човештвото, а виновниците казнети.
В0 1970 година излегол првиот број на “Екран”, како неделен колорен прилог на весникот “Нова Македонија” за ТВ, филм, радио и естрада. Од бр. 226 од 14 март 1975 година излегувал одделно од “Нова Македонија” како ревија за РТВ, филм, сценски уметности и естрада.
Во 1991 година во Скопје, во Собранието на Република Македонија, свечено бил прогласен Уставот на Република Македонија, усвоен на 17 ноември 1991 година.
К. С.