Зајакнувањето на билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Хрватска во делот на правосудството, како и градењето на капацитетите за водење на преговорите во делот на Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права, беа главните теми на кои во Загреб разговараа министерот за правда Никола Тупанчески и хрватскиот министер за правда и администрација Иван Маленица.
На средбата, како што информираат од Министерството за правда, беа разменети мислења за прашања преку кои нашата држава може да извлече практични и корисни искуства од Хрватска, што се значајни за евроинтегративниот процес.
– Хрватска е добар пример за следење во однос на исполнувањето на конкретните задолженија во правосудството за зачленувањето на нашата држава во Европската Унија. Поглавјето 23 е едно од најобемните и сложени поглавја, а брзината и времетраењето на преговорите во оваа област дирекно влијаат врз напредокот на преговарачкиот процес, рече министерот Тупанчески.
Министерот Маленица посочи дека во наредниот период ќе се интензивира соработката и дијалогот меѓу двете држави во насока на наоѓање решенија базирани на европските вредности.
На средбата се разговараше и за искуството на Хрватска за ветингот во правосудниот систем, сузбивањето на организираниот криминал и корупција, како и за имплементацијата на билатералните договори меѓу двете држави и закондавната агенда.
Тупанчески и Маленица имаа свои обраќања и на Загрепско-скопскиот колоквиум, што се одржа на Правниот факултет во Загреб.