ВЕСТ НА ДЕНОТ
Од денес стапува во сила на забраната за користење на мобилни телефони и слушалки при преминување на улица. Може да бидете казнети до 40 евра ако зборувате на мобилен, носите слушалки или правите „скрол“ додека минувате на пешачки премин. Ова важи како за пешаците, така и за велосипедистите или оние што возат тротинети.
„Законските решенија се воведуваат со цел елиминирање на некои навики кај пешаците и возачите на одредени категории возила. Меѓу нив, пешак е должен кога се движи по коловоз под условите утврдени со овој закон, или кога ја преминува улицата и велосипедската патека или велосипедската лента, да се движи и да помине внимателно без да користи електронски уреди, како што се слушалки, мобилен телефон, таблет, паметен часовник или друг електронски уред, кој ја намалува внимателноста, додека ја преминува улицата и велосипедската патека или велосипедската лента“, вели Гоце Андреевски, портпаролот на МВР.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
ЦИВИЛ: Злоупотребата на деца во изборните кампањи мора да престане
Политичката злоупотреба на деца е строго забранета со закон! Член 12, став 4 од Законот за заштита на децата јасно утврдува: „Се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување“.
ЦИВИЛ потсетува дека секое дете има право на достоинствено и безгрижно детство, ослободено од дневнополитички битки. Местото на децата е надвор од политиката! Наместо злоупотреба, политичките партии и нивните поддржувачи мора да придонесат за заштита на најмладите.
РЕГИОН
Откако претставниците на социјалдемократите, зелените и либералите во Европскиот парламент неодамна ја повикаа ЕПП да ги исклучи прогресивците од членството поради недемократски тенденции, претседателството на ЕПП вчера им довери на генералната секретарка Долорес Монсерат и потпретседателот Костис Хацидакис да го водат „процесот на внатрешна верификација во врска со улогата“ на СНС во таа партија.
СВЕТ
Руски бродови осомничени за инцидентите со дронови над Данска
Руската флота во сенка забележана во близина на инцидентите со дронови над данските аеродроми.
Два брода од руската флота во сенка беа во домет на инцидентите со беспилотни летала што се случија во среда над аеродромите на полуостровот Јитланд и во понеделник во Копенхаген, според извештајот на данската државна телевизија, објави TVP vorld на својот ЈуТјуб канал.
АЛ-ПРЕС
Генералниот директор на косовската полиција, Газменд Хоџа, изјави дека неодамна имало случаи на летови на беспилотни летала во северниот дел од земјата, за кои се сомнева дека доаѓаат од територијата на Србија, објавија косовските медиуми.
Лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, на прес-конференција изјави дека доколку премиерот Еди Рама не поднесе оставка по објавувањето на снимките од страна на италијанската антимафија, Демократската партија ќе поднесе тужба до СПАК, а ќе ја разгледа и можноста за тужба пред меѓународен суд.
Истражувачкиот новинар Нело Трокија, автор на книгата „Албанската мафија на непобедливите“, во ексклузивно интервју на 25 септември, за новинарката Алба Кепи, на Сури ТВ, изнесе детали од состанокот меѓу претставници на владата на Рама и трговци со дрога предводени од Артур Шеху, пишуваат албанските медиуми.
СЛОБОДНА ЗОНА
Изјавите на претседателката веќе ги надминуваат и капацитетот и способностите на нејзиниот кабинет, вклучително и на кабинетот на Владата со сé МНР, и сé повеќе звучат како да се пишувани некаде посеверно од Северна Македонија, како на пример во кабинетот на Вучиќ во Белград.
А преку Белград , патот низ Будимпешта води до…, пишува Драган Мишев во колумната „Претседателката реши да го замете дворот на ЕУ, наместо прво да погледне во својот“.
Д. Муратов